Преку Божиќ до подобар свет

Најважното светло кое го скрши мракот е она во воскресната ноќ, кога ја славиме Исусовата победа над смртта. Омилено светло пак е она кое било предуслов на споменатото светло – светлото во витлеемската ноќ кога Бог стана човек во тело, син на грижливите родители Марија и Јосиф.

Божиќ и ова година ја става пред нас сликата на малото, незаштитено дете кое се роди во потполна немаштија. Тој наизглед едноставен настан повеќе од 2000 години ги развеселува и зацврстува во верата луѓето од целиот свет, кои овие денови на почетокот на новата година ги слават божиќните празници.

Сепак, како христијани имаме право на славење на тој голем настан, од друга страна се појавуваат и низ обврските. Да бидеш христијанин во 21 век донесува нови задачи и нови предизвици. Со тоа, секој христијанин мора во текот на животот да расте во верата, да го поправи тоа што во минатото не било достојно за христијанството и одново да ја чита Радосна вест која својот врв го остварува всушност во новоредениот Исус Христос.

Да го славиме Божиќ, а да не ја наследиме основата на христијанство не е можно. Да славиме Божиќ во семејство кое е разделено, обележано со караници, недоверба па дури и омраза меѓу членовите не е можно. Да ги славиме божиќните денови, а притоа да го мразиме соседот, одредена група во општеството или нација не е можно. Да се веселиш на Божиќ, а да го презираш ближниот не е можно. Да го честиташ Божиќ, а отворено да го подржуваш наводното право на абортус или било кое друго управување на туѓиот живот не е можно.

Божиќ во новородениот Спасител му нуди на секој христијанин секогаш нов патоказ за славење, верување, а потоа и сведочење во светот. Тој патоказ ни дава низа задачи кои преку божиќните празници секој година одново ги примаме. Имено, христијанството на земјата никогаш не може да биде до крај совршено, но Исус е оној кој секоја година ни нуди совршен рецепт за љубов, простување, почитување и уважавање на ближниот, сѐ до љубов кон непријателите. На тој пат, следејќи ги тие божиќни и Христови правила, светот ќе го направиме поубав.

Божиќниот настан во својата едноставност и на самите маргини, па можеме да кажеме и надвор од самиот Витлеем, на недолично место резервирано за животни, нѐ охрабрува за нови настојувања и оптимистички поглед. И ако е Бог, не грижејќи се за помпезно и величествено раѓање на својот Син, го откупи целото човештво од гревот всушност преку овоплотувањето на Словото, тогаш ние, обичните луѓе, треба да придаваме внимание на секоја можност за да го обновиме светот по својата добрина, љубов кон ближниот и дијалог со другите и поразличните. Ако некој мисли дека добрината денес не се исплаќа, нека својот поглед го осврне на валканата витлеемска штала и острата слама. Тука ќе види дека сѐ е можно.

На прв поглед јаслите во кои лежи малиот Исус ни се чинат толку едноставни, но всушност се работи за голем настан на овоплотување на вечниот Бог. Правејќи мали добри дела во секојдневниот живот, имајќи ја непрестано на ум љубовта кон ближниот, и нашите дела ќе се појавуваат како едноставни, па дури и безначајни, но единствено така ќе бидеме во состојба да го менуваме светот.

Бенедиктус инфо/Д.И.

Категорија: духовнитекстови

За авторот