Прв работен состанок на Координативното тело за „Денови на Света Мајка Тереза“

Во понеделник, 27 јуни 2016 година во Бискупската резиденција на Водно во Скопје се одржа првиот работен состанок на Координативното тело за спроведување на Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“, што опфаќа настани кои ќе се одржат од 5 до 11 септември 2016 година, а ќе бидат во чест на канонизацијата на блажена Мајка Тереза.

Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов во присуство на министерката за култура на Република Македонија г-ѓа Елизабета Канческа – Милевска и директорката на Комисијата за верските заедници и религиозни групи г-ѓа Валентина Божиновска, обраќајки им се уште еднаш ја истакна гордоста и радоста што токму Скопје е родниот град на Мајка Тереза, град во кој таа живеела и се формирала до својата 18  година. Тој, исто така изрази задоволство од одѕивот на релевантните институции кои под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, ќе земат активно учество во осмислувањето и реализирањето на оваа манифестација.

Членовите на Координативното тело ја разгледаа Предлог – програмата и при тоа беа одредени конкретните задачи и задолженија, а официјална поддршка на овие активности изнесоа и министерката за култура г-ѓа Канчевска Милевска и директорката на Комисијата за верските заедници и религиозни групи г-ѓа Божиновска.

Исто така, беше изнесен и предлогот на Министерството за образование месецот септември да биде прогласен за месец на света Мајка Тереза, особено со активности во образовните институции.

На следниот состанок закажан за 10 јули се очекува координативното тело да ја усвои целосната програма за Деновите на света Мајка Тереза.

к.мк/Катица Абјаниќ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот