Прва Света Причест во Нова Маала

Прва Света Причест во Нова Маала

На 27 мај 2018 година, на празникот Духовден дванаесет деца од парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала за прв пат пристапија на Божјата трпеза и обновувајќи го Крсниот завет примија Прва света Причест.

Со процесија од црковната сала до Црквата и со песни започна свечената Света Литургија на која присуствуваа роднини, пријатели и голем број верници, споделувајќи ја радоста со Првопричесниците.

Светата Литургија ја предводеше парохот о. Спасо Ристов, во сослужение на парохискиот викар о. Ванчо Назов и о. Ѓорѓи Динов. Парохот о. Спасов во својата пригодна проповед истакнувајќи за Духовден како празник и роденден на Црквата, како ден на раѓањето на Црквата, ден на раѓањето на Мајката која раѓа нови членови за царството Божјо, рече дека денес со Светото Причастие во парохијата се родени нови членови за активно делување во сите обреди на Црквата.

Во продолжение на проповедта, парохот на Првопричесниците им порача дека од денеска па натаму Господ ќе биде нивен гостин, а тие да бидат добри домаќини на Исус Христос. Да бидат пријатели со Исус Хистос, и нивното пријателство да трае што е можно подолго, бидејќи Исус останува во нив сѐ додека тие сакаат, кога свесно или несвесно се прекршуваа Божјите заповеди, а во тој миг се оддалечуваат од Господ, бидејќи каде има грев за Господ нема место.

На крајот од Светата Литургија парохот о. Спасо Ристов се заблагодари пред сѐ на Господа за големината и убавината на овој ден. Се заблагодари на чесните сестри, на браќата свештеници и на сите луѓе со добра волја што придонесоа достоинствено да се прослави овој возвеличен ден.

По Светата Литургија следуваше доделување на спомен-подароци за Првопричесниците, а потоа следуваше рецитал од страна на Првопричесниците, мала изведба со песна од страна на помалите под водство на с. Мелхиора, заедничко сликање и заедничко агапе подготвено од родителите на Првопричесниците.

к.мк/З.А.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот