Празник на Сите Светци

Празник на Сите Светци

Денес Црквата во еден единствен празник го слави споменденот на сите светци, познати и непознати, свечено и официјално канонизирани и оние кои никогаш нема да бидат канонизирани, оние кои оставиле видлив белег во историјата на Црквата и оние кои преминале незабележени; оние за кои денес контемплираме се едно неизмерно мноштво народ кое никој не може да ги преброи, кое произлегува „од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7,9); денес Црквата ја манифестира „својата убавина како безгрешна Христова невеста, извор и модел на сета светост“ (Бенедикт XVI).

Во оваа голема заедница припаѓаме исто така и ние, припаѓа целата Црква која во „Верувањето“ ја исповедаме како „една и света“: Црквата е една света заедница, бидејќи таа е големо таинство на спасението за целото човештво; Црквата е света затоа што е мистично тело на Христос. Кој е изворот на светоста на Црквата? Кој е коренот на светоста на мачениците, на исповедниците и на она огромно мноштво на мажи и жени за кои зборува Откровението, сите облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете? Според Светиот Отец Бенедикт XVI, не постои сомнеж: потеклото, изворот на светоста на Црквата и на христијаните е Нашиот Господ Исус Христос, жртвуваното Јагне! Исус живее и делува целосно во милоста на Отецот, неговите зборови, неговите дела, неговите ставови и гестови, во исто време, сите се вистински, праведни, мудри, т.е. во еден збор тие се свети. Потребно е да го надоместиме контактот со вистинскиот Христос типичен од средбите на Евангелските личности, Христос на блаженствата, на Беседата на гората, искрениот, чистиот, слободниот Христос: на тој начин ние го дознаваме „преважното познавање на Исус Христос“ (Филипјаните 3,8).

Токму во страниците од Евангелието светците и теолозите од сите времиња најделе инспирацијата за нивното познавање на Христос и за нивната асимилација со Него, „се научиле во Христос“ (сп. Ефесјаните 4,20). Исус Христос ги привлекол кон себе во оваа „познавање кое го надминува секое знаење“ (Ефесјаните 3,19). Во контакт со ова сонце на светоста исто така и тие станале искри на светлината во Црквата Божја и во човечката историја. „Светоста е секогаш едно отворање кон изворот, кон непосредното и лично следење на Христос, … (Ханс Урс фон Блтазар). Во оваа отворање, во оваа преминување кон потеклото, кон изворот, се реализира онаа светост која што Киркегарт ја нарекува „современост со Христос“. (…) Секако, пристапот е отворен за сите христијани и доколку тие го искористуваат овој пристап тогаш припаѓаат на огромното мноштво не само како дел од оние кои живеат како граѓани на Божјиот Град, туку уште овде на земјата како граѓани и градители на Божјиот Град. Изворот на светоста на Црквата и во Црквата е Исус Христос, Светиот и Оној кој Осветува, „Христос, Божјиот Син, кој заедно со Отецот и Светиот Дух ја возљуби Црквата како своја невеста и се даде себеси за неа, со цел да ја освети (сп. Ефесјаните 5,25-26), ја придружи кон себе како свое тело и ја исполни со дарот на Светиот Дух за слава Божја. Затоа сите во Црквата, било оние кои припаѓаат во хиерархијата, било оние кои се управувани од неа, повикани се на светост, според зборовите на апостолот: „Да, тоа што Бог сака е вашето осветување“ (1Солунјаните 4,3) (Лумен Генциум, 39).

Но „зошто им служи на светците нашите славословија, оддавајќи им слава, свечено прославувајќи ги?“. Така почнува една беседа на Свети Бернард. Тоа е едно прашање кое би можеле и денес да си го поставиме, а актуелен е и одговорот кој светецот ни го дава: „Нашите светци немаат потреба од нашите почести и ништо не им доаѓа од нашето прославување. За мене, признавам, кога мислам на светците, се чувствувам како да горам од големи желби“. Тоа е значењето на денешниот празник: гледајќи во светлиот пример на светците се буди во нас голема желба да бидеме како светците: среќни да живееме близу до Бога, во светлината, во големото семејство на Божјите пријатели.

„Но како може да станеме светци, пријатели Божји?“ – се прашува Светиот Отец Бенедикт XVI во една проповед од 2006 година. За да се стане светец не треба да се направат некои извонредни дела, ниту да се поседуваат исклучителни харизми, но апсолутно неопходно е да се слуша Исус и потоа да се следи без да се изгуби желбата кога ќе надојдат потешкотиите. „Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец“ (Иван 12, 26). Кој има доверба во Него и искрено го сака, како зрното пченица посеано во земјата, прифаќа да умре за себе. Всушност Тој знае дека кој бара да има живот за самиот себе ќе го изгуби, а кој се дава, го губи својот живот, токму на тој начин ќе го најде (сп. Иван 12, 24-25). Искуството на Црквата покажува дека секоја форма на светост секогаш поминува по пат на крстот, по пат на самодрекувањето. Биографиите на светците опишуваат мажи и жени кои, послушни на Божјиот план, претрпеле искушенија и неопишливи страданија, прогонства и мачеништво. Тие истрајале во нивната заложба, „поминале преку големата неволја – се чита во Откровението – и ги испрале нивните алишта побелувајќи ги со крвта на Јагнето“ (14). Нивните имиња се запишани во книгата на животот (сп. Откровение 20, 12); нивното вечно живеалиште е Рајот. Примерот на светците за нас е едно охрабрување да ги следиме истите чекори, да ја почувствуваме радоста на оние кои веруваат во Бога.

Светоста бара постојан напор, но можна е за сите затоа што, освен што е човечко дело пред сѐ тоа е дар Божји, три пати Свет (сп. Исаија 6,3).

Блаженствата ни ја покажуваат духовната физиономија на Исус и на тој начин го изразуваат неговото Таинство, Таинство на Смртта и Воскресението, на страста и на радоста од Воскресението. Ова таинство, кое е таинство од вистинското блаженство, нѐ повикува да го следиме Исус. Во мера во која го прифаќаме неговиот предлог и одлучуваме да го следиме – секој во неговите околности – исто така и ние може да бидеме учесници на неговото блаженство. Со него невозможното станува возможно, па дури и камила влегува низ иглени уши (сп. Матеј 10, 25); со негова помош, само со негова помош може да станеме совршени како што е совршен небесниот Отец (сп. Матеј 5, 48 и Бенедикт XVI).

Џовани Папини, голем преобратеник, на крајот од неговото славно дело „Историјата на Христос“ пишува една молитва до Христос во која влева надеж на едно негово кратко враќање, на едно негово ненадејно доаѓање. Да, Исус е секогаш со нас, во Евхаристијата, во сиромашните, во оние кои се молат: но исто така е вистина дека голема е актуелната конфузија и многу голема моралната декаденција при што итна е една кратка објава на Исус за да ни повтори што е вистинско, што е праведно, шо е свето. Сето тоа што можеше да биде зло, човештвото го стори. Заповедите и блаженствата се потсмевани. Денес е потребна една нова средба со Исус, средба која на светот му се претставува неговото Евангелие на светост. Одговорот на оваа исчекување ја дава самиот Папини: Исус Христос постојано се враќа меѓу нас во светите луѓе! Светците денес ја сведочаат Божјата промисла во историјата и милосрдното присуство на Христос, Светителот Божји.

Да ги повикаме светците, нашите пријатели, за да ни помонат да ги имитираме и да се потрудиме великодушно да одговориме на Божјиот повик, како што сториле тие. Да ја повикаме особено Марија, Господовата Мајка. Таа, Пресветата, да нѐ направи верни ученици на нејзиниот син Исус Христос!

Гуљелмо Боргети, епископ/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот