По патот на солидарноста и гласот на злоупотребуваните права

По патот на солидарноста и гласот на злоупотребуваните права

Во просториите на Македонски Каритас во вторник, 17 септември, се одржа средба меѓу вработените на Каритас, младите од Скопската парохија и претставниците на Виа Скалабрини 3 – Здружение за интеркултурална анимација на младите со седште во Италија.

Здружението се инспирира од харизмата на отците мисионери скалабринци, монашко семејство основано кон крајот на 19. век кое настојува да сведочи и со нивната близина на мигрантите ширум светот да го овоплоти евангелскиот повик Бев странец и ме примивте.

Отец Џонас и група млади (Паола, Давиде, Мартина, Милена, Симоне, Барбара, Валентина и Мирјам) одлучиле да ја поминат т.н. Балканска рута и тргнувајќи на 6 септември од Газијантеп, Турција, да го завршат нивното патување на 25 септември во Трст. Иницијативата под наслов „Umanita InInterRotta“ (на италијански јазик е една игра на зборови кое има два значења: Непрекината Човечност и Човештвото во движење) сака да биде „повик на солидарност за мигрнтите кои, честопати заборавени од ЕУ, живеат во неизвесноста на границите“, сака „да пренесе искра на надеж која многумина ја искажуваат и кои секојдневно се со мигрантите“, и да биде „глас за злоупотребуваните права, бескрајните исчекувања и премолчените насилства“.

Освен што во текот на нивното патување преку социјалните мрежи ги споделуваат нивните слики, впечатоци, извештаи, при нивното пристигнување во нивната средина сакаат да ги реализират јавните случувања со цел за сенсибилизирање на меѓународните организации, здруженија и училишта. На нивното патување не се сретнуваат само со мигрантите туку и со институции, со поединци, со заедници. Во Скопје имаа средба со Амбасадорот на Р. Италија, г. Карло Ромео.

На почетокот на средбата младите ги поздрави директорот на Македонски Каритас дон Паво Шекерија, а потоа во кратки црти беше претставена работата на Каритас и тековните проекти, а особено работата со мигрантите и присутноста на Каритас во ТЦ Табановце. Потоа гостите ги пренесоа нивните впечатоци од досегашниот изминат пат. „Во Газијантеп слушавме животни приказни и запознававме луѓе, приказни од војната, бомбите, насилствата, надежта за иднината, оптимизмот и песимизмот. Која е иднината за Сиријците, бегалци кои во тој град сочинуваат една четвртина од населението, таму на само неколку чекори од сопствената татковина?“

„Во Измир разговаравме со една невладина организација која работи со мигрантите во областа Басман. Тоа е подрачје во кое се склучуваат договори со криумчарите за преминување преку морето до грчките острови, ризикувајќи ги животите. И ние го напуштивме турското тло по морски пат – сведочат – но со пасошите во рака и на удобен туристички брод кој за помалку од еден час време нѐ доведе на островот Самос во Европа.“

За нивниот престој во Македонија, Македонски Каритас им обезбеди сместување во своите простории, а размената на искуства во служењето на ранливите група луѓе ги охрабри и ги потсети младите на неодамнешните зборови на папата Фрањи во Скопје кој рече: „Не дозволувајте да ви ја украдат надежта.“

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот