Почина поранешниот апостолски нунциј во Македонија монс. Јануш Болонек

На 2 март се пресели во домот Господов поранешниот апостолски нунциј во Република Македонија монсињор Јануш Болонек.

Монињор Болонек беше папски претставник Македонија со предавањето на акредативните писма на 6 септември 2011 година, назначен беше од Бенедикт XVI. Тој е роден во Хута Длутовска, Полска, на 6 декември 1938 година. Го завршува образованието во Вишата духовна семинарија во Лоѓ (1956 – 1961 година). За свештеник е ракоположен на 17 декември 1961 година од страна на монсињор Јан-Вавжиниец Кулик, помошен епископ на Лоѓската епархија. Студира две години класична филологија на Католичкиот универзитет во Лублин (1961-1962 година). Потоа е испратен во Рим, каде што студирал догматска теологија и латинска литература на Папскиот универзитет Грегоријана (1962-1966 година). Се запишува на Папскиот латерански универзитет во Рим, каде што студира канонско право (1967-1971 година), а во исто време учи дипломатија на Папската дипломатска академија (1967-1971 година).

Во 1971 година ја започна својата мисија во различни дипломатски претставништва на Ватикан – во Никарагва (аташе и секретар на Апостолската нунцијатура), САД (секретар на Апостолската делегација), Египет, а потоа, во периодот 1979-1989 година работи во Државниот секретаријат на Ватикан. Тогаш е член на Советот за постојани работни контакти меѓу Светиот Престол и Полската Народна Република. Како член на овој совет ја подготвува во името на Ватикан папската посета на Иван Павле II на Полска во 1983 и 1987 година. Од 1989 година е член на полско-ватиканската работна комисија за обновување на дипломатските односи меѓу двете земји.

На 25 септември 1989 година е назначен од папата Иван Павле II за титуларен архиепископ на Мадаурус и апостолски нунциј за Брегот на Слоновата Коска. Ракоположен е за епископ на 20 октомври 1989 година од папата Иван Павле II во базиликата Свети Петар, заедно со кардиналите Едвард Идрис Касиди и Франческо Коласуоно.

Два месеци подоцна е назначен за апостолски нунциј во Африка – Буркина Фасо и Нигер. Тука тој останува до 1995 година, кога е назначен за апостолски нунциј во Романија. Оваа служба ја извршувал до средината на септември 1998 година, кога тој требало да поднесе оставка поради здравствени причини. Во ноември 1999 година се враќа во ватиканската дипломатија, кога е назначен за нунциј во Уругвај.

За време на својата мисија во Македонија, тој беше исклучително активен во својата дејност, со посети на парохиите и манастирите и учеството во различни црковни настани, сакајќи секогаш да биде близу до луѓето. На 6 декември 2013 година се повлекува како нунциј од Македонија поради пензионирање. Папата Бенедикт XVI го ослободува од функциите на крајот на истиот месец. Потоа се враќа во родната епархија во Полска и продолжува да живее во Лоѓ, каде ги поминува последните денови.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот