Последните зборови на Бенедикт се: Исусе, те сакам

Последните зборови на Бенедикт се: Исусе, те сакам

Бенедикт XVI умре како и што живееше.

„Jesus, ich liebe dich“ (Исус, те сакам) се последните зборови што ги изговори Бенедикт XVI, објави аргентинскиот La Nacion.

Новинарката Елизабета Пике, за која се смета дека има многу добри извори во Ватикан, освен тоа изјави дека папата Фрањо веднаш отишол до постелата на својот претходник штом личниот секретар на почесниот Папа Георг Гансвајн му се јавил да го извести за смртта на Бенедикт.

„Десет минути подоцна, поранешниот надбискуп на Буенос Аирес прв стигнал до смртната постела за да му го даде последниот благослов и да се помоли во тишина покрај неговото веќе безживотно тело“, напиша Елизабета Пике.

Потоа папата Фрањо им изрази сочувство на присутните во манастирот Mater Ecclesiae, ватиканската резиденција каде што почесниот папа Бенедикт XVI ги помина последните години од својот живот. Ги поздрави двајцата лекари и двете медицински сестри, а потоа и четирите посветени лаици кои беа задолжени за секојдневната грижа на Бенедикт и на крајот секретарката на почесниот Папа сестра Биргит Вансинг.

Папата Фрањо сакаше веста за смртта веднаш да биде објавена, па надбискупот Гансвајн му се јави на директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, кој му соопшти на светот дека Бенедикт XVI почина.

Потсетуваме дека последната посета на папата Фрањо на Бенедикт XVI беше три дена пред неговата смрт, на 28 декември, откако на крајот од Генералната аудиенција тој побара од верниците да се молат за почесниот Папа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот