Послание на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов за Семејната молитва

 Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христа!

Продолжуваме со нашиот заеднички од во Годината во која ќе се одржи редовната Бискупска синода на тема Семејство. Веројатно сите сте донекаде запознати колку вонредната Бискупска синода, која беше одржана минатата година, беше бурна, но и многу битна. Бискупите од сите страни на светот пред целата Синода ја изнесоа сета проблематика која ги тишти нивните месни Цркви, а што беше во врска со пасторалот во семејството. Исто така сме известени дека Синодата немала за цел на прво место толкувањето на доктринарните природи, туку во прв план била грижата за семејствата кои се субјект во пасторалот на Црквата.

Драги браќа и сестри, желба ми е и оваа година да го продолжиме овој од на така наречен својствен дијалог внатре во нашите парохиски заедници, дијалог кој е посветен на семејствата. Како прва тема во овој циклус ќе ја посветиме на значењето на молитвата во семејството. Тој кој знае добро да моли, знае и добро да живее. Човекот во наше време како да ја изгубил молитвената димензија на животот. Додека повозрасните генерации со носталгија се сеќаваат на изминатите времиња кога молитвата се слушала од секој семеен дом како заеднички чин со која семејствата дневно се обраќале до Бога сега мораме да признаеме дека има сѐ помалку семејства кои дневно заеднички се обраќаат до Бога. Знам дека времињата во многу што се променија и дека настанаа многу и нови тешкотии, но исто така сум должен да предупредам и на таа вистина: времињата можат да се менуваат, дури и околностите, но човечката природа не може да се промени. Не може да постои и да се нарекува христијанско семејство, а да не практицира семејна молитва. Зошто? Семејството како заедница изникнато е во Божјиот план веќе при создавањето на човекот. Минатата година за тоа темелно размислувавме дека семејството е слика Божја и тоа слика на Бог кој е еден во три лица: Отецот, Синот и Светиот Дух. Така во природата на семејството Бог го втисна печатот на својата слика. Бог не се менува. Единството на трите божествени лица ја прави поврзаноста во љубовта во која Отецот и Синот се едно и Светиот Дух кој е Љубов. Семејството како заедница се единството на таткото, мајката и децата. Сакраментално тоа единство се одржува со врската која е љубов, но таа истата која е Љубов во Бога. Затоа можеме да заклучиме дека Бог е оној кој ги здружува брачните парови во единство и ги дарува со својот Дух да ги сочува во единство. Современите социолошки околности се своевидни жаришта на криза и разединување во семејството. Честопати и без своја волја семејствата живеат раштркано, дури и одвоено. Што ги поврзува во единство? Секако крвното сродство, бидејќи се од едно тело и крв но како што е телесноста битна, а без духовна димензија мртва, така е и семејството и покрај крвната врска без љубов мртво. Љубов за која се говори не е само чувство, туку далеко повеќе, волја да се одржува тој дар кој е дар на Милоста. Односот кон Бога може да биде личен и треба да биде личен. Нашата вера, а пред сè на возрасни мора да биде лична. Верата е однос на возрасните лица кон Божјото лице. Да се сетиме на почетокот на нашето постоење каде стои во Библијата дека Бог спријателувал со Адам. Каде и каде повеќе е тоа во Новиот завет кога Исус вели: не ве нарекувам слуги, туку пријатели. Ако сме Божји пријатели како е можно да се замисли животот на пријателството, а пријателите да не се гледаат, не се среќаваат и не комуницираат меѓу себе. Молитвата е тоа привилегирано време кога ние се дружиме со Бога. Молитвата е средба и разговор. Преку Божјото слово Тој ни говори нам, а во скромната молитва ние говориме до Него. Молитва која не е средба и разговор не може да се нарече молитва. Исус ни остави посебна потврда: каде се двајца или тројца собрани во мое име и јас сум таму меѓу нив. Ако Исус ја услови својата посебна присутност во заедницата колку повеќе сака да биде присутен во заедницата која е Божјо дело – семејството. Гледајќи многу семејства во криза мора да признаеме – колку и да е тешко – сепак една од причините да се влезе во криза е пропуштањето на семејната молитва. Знам дека често е случај кога целото семејство ни преку денот, а понекогаш ни преку ноќ не е заедно собрано. Ги молам тие членови на семејствата кои можат да бидат во одреден час заедно барем тие да ја сочуваат дневната семејна молитва. Исто така знаеме дека постои барем по некој ден во седмицата кога сите членови се на едно место и вас ве повикувам во тие пригоди заедно да молите. Соочени со овој повик се јавуваат многу искушенија кои би се обиделе од тоа да не отстранат. На пример телевизијата, модерните комуникациски средства и многу други надворешни причини или влијанија. Меѓутоа, токму тие мигови на искушение се посебна пригода да се покаже силата, единството и цврстината на семејството, а тоа е, колку знаеме во тие мигови на искушение или криза, Бог да го ставиме на прво место. Запаметете, ако Бог не е на прво место тогаш нашето семејно заедништво се руши. Што може помладата генерација да понесе од своето семејство како најголем дар? Сметам, навиката и должноста на заедничката дневна молитва. Сигурно секое семејство има сопствен начин на молитва но тоа што го препорачувам се секако собраноста, читање на Светото Писмо, молење Света Бројаница и духовно читање.

Единствено средство со кое ќе може да одговори на современите предизвици на кои е изложено семејството е силата на заедничката молитва. Останува на нас на тоа да се одлучиме семејството да го спасуваме, изградуваме или – не дај Боже – да го изгубиме заедништвото на семејството, а тоа тогаш не е семејство.

Препораки:

– Изберете време кога би можеле заедно да се соберете барем на кратка заедничка молитва.

– Тие кои се постојано дома како возрасните и болните нека изберат време во кое би можеле подолго и посодржински  да молат за секој член во семејството.

– Нека никогаш заедничката трпеза, а посебно неделниот ручек не биде без заедничка молитва пред и после јадење.

– Одберете си ден во седмицата кога во друштво со неколку семејства ќе можете заедно да молите за сите семејства: роднински, соседски или парохиски семејства.

 

Категорија: Македонија

За авторот