Посветениот живот не е преживување, туку нов живот

Посветениот живот не е преживување, туку нов живот

На 2 февруари папата Фрањо го предводеше литургиското славење по повод празникот Сретение Господово кога се одбележува и Денот на посветениот живот и потсети на значењето на Господовиот повик.

И ние сме повикани да го прифатиме Исус Кој ни доаѓа во пресрет – рече папата Фрањо во текот на проповедта за време на Литургиското славење во базиликата Свети Петар. На празникот Сретение Господово воедно се одбележува и Денот на посветениот живот и проповедта на Светиот Отец беше посветена токму на монасите и монахињите. Папата нагласи дека средбата со Бог не е повремена, туку секојдневна затоа што кога Исус го среќаваме како Господар на животот, како центар и живо срце на сите работи, тогаш Тој во нас оживува.

Со Исус животот станува хармоничен, со Него пронаоѓаме храброст за да одиме напред и сила за да останеме постојани. Средбата со Исус е изворот; затоа е важно да се вратиме на почетоците: Повторно да тргнеме присетувајќи се на одлучувачката средба со Него, да ја оживееме првата љубов, можеби да ја напишеме сопствената историја на љубовта со Христос. Тоа ќе му направи добро на нашиот посветен живот; така тоа да не биде време кое поминува, туку време на средба – рече папата Фрањо.

Двоен повик

Осврнувајќи се на Евангелието од денот, Папата истакна дека двајцата млади Марија и Јосиф одат во ерусалимскиот храм не со принуда или заради надворешно исполнување на Законот, туку за да го направат она на што ги повикува Бог, а Симеон и Ана пак одговараат на повикот на Светиот Дух. Тој двоен повик, Законот и Духот сите нас нè упатува на двојна послушност: законот во смисла на она што внесува ред во нашиот живот; и Духот Кој прави нови работи во животот. Така се раѓа средбата со Господ: Духот Го открива Господ, но за да го примиме, потребна е трајна постојаност. Дури и најголемите харизми без уреден живот немаат плод. Од друга страна и најдобрите правила не се доволни без новостите на Духот: законот и Духот одат заедно – рече Светиот Отец.

Верност во конкретни работи

Патот кон средбата со Исус ги прават малите работи; секојдневно полирани камења кои го обликуваат мозаикот и кои заедно го покажуваат Божјото изненадување – рече Светиот Отец и ја нагласи важноста на верноста која ја прават секојдневната молитва, светата Литургија, Исповедта, вистинската љубов, Божјото Слово и близината на оние кои се во потреба без разлика дали духовно или телесно. (…)

Посветениот живот е пророчката визија на Црквата

Очите на Симон се огледало на спасението – рече Светиот Отец и додаде, Гледајќи ја Божјата едноставност тој со задоволство го прифаќа неговото присуство и не бара ништо друго, не бара и не сака повеќе, доволно Му е да го види Детето и да го прими во своите прегратки. Таа е визијата за посветениот живот, едноставна и пророчка каде Господ се гледа и се држи во прегратки и друго ништо не ни треба затоа што Тој е Живот, надеж и иднина. Посветениот живот е пророчката визија на Црквата; поглед кој го гледа Бог присутен во светот, дури и ако многумина не Го забележуваат. Тоа е гласот кој вели: „Бог е доволен, останатото поминува“; благодарноста која од нас произлегува и покрај сè – рече папата Фрањо.

Новост на животот

Посветениот живот се оживува во спознанието на она што навистина е важно и тоа ја прави благодарноста до Бог, радоста на Божјиот народ и одразот на љубовта. Посветениот живот тогаш цвета и станува повик до сите против просечноста, против падот во духовниот живот, против искушенијата да го потцениме Бог, против приспособувањето на удобен и световен живот, против постојаното жалење и незадоволство и плачењето над себе, против навиките да се работи тоа што се може и што секогаш така се правело – рече Папата и додаде дека посветениот живот не е опстанок, ниту подготoвка за добра смрт, туку денешното искушение пред падот на звањата. И покрај малиот број треба да се има на ум дека се работи за нов живот. Тоа е живата средба со Госпoд во неговиот народ, повик на секојдневна верна послушност и на изненадувањата на Духот. Тоа е визијата на Оној Кој е потребно да се прегрне за да имаме радост, односно Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот