Посвета на миро во Струмичката катедрала

Посвета на миро во Струмичката катедрала

На празникот Пресвета Троица, 8 јуни 2020 година монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица на која беше посветено миро. На Литургијата присуствуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија, а поради мерките за заштита од ширењето на заразата со коронавирусот, бројот на верници беше минимален.

Во оваа прилика ја пренесуваме во целост проповедта на епископот Стојанов.

Драги браќа и сестри,

Денес го славиме празникот на најдлабоката тајна на нашата света вера, празникот Пресвето Тројство. Три лица: секое е вистински Бог. Сите три имаат една единствена Божествена природа и затоа сите три се само еден Бог.

Невозможно е тоа за ниту еден разум да го сфати. Тоа не можат да го сфатат ниту Серафимите, ниту Херувимите. Тоа не може целосно да го сфати ни самата Мајка на Божјиот Син.

Токму таа најдлабока и најголема тајна на нашата света вера беше меѓу првите поуки за нашата детска душа. Според неа го примивме и првиот родителски

благослов и ја упативме првата детска молитва кон небото.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – со знакот на светиот крст, не благослови нашата мајка во моментот кога ја видовме светлината на светот. Во името на Пресветото Тројство сме крстени.

Во името на Пресветото Тројство сме Миропомазани, неизбришлив знак, печат и дар на Светиот Дух во нашата душа.

Во името на Пресветото Тројство е посветен светиот Агнец во бескрвна жртва за да биде храна на нашите души, а и светата Литургија почнува со: Благословено царство на Отецот и Синот и Светиот Дух, а и завршува со Божјиот благослов.

Ниту самите не знаеме колку пати сме одрешени од гревот во светата исповедна тајна и повторно во името на Пресветото Тројство.

А кога во св. тајна елеопомазание христијанската душа во името на Пресветото Тројство прима сила за последна борба, ако во таа борба биде присутен свештеник, тогаш на самиот смртен час свештеникот го дава последниот благослов со оние потресни зборови на св. Црква: „Влези, христијанска душо, во името на Отецот кој те создаде, во името на Синот кој те откупи, во името на Светиот Дух кој во тебе се влеа. Оче Небесен, ако е и грешна оваа душа, сепак Отецот и Синот и Светиот Дух не ги затаи, туку во Бога веруваше“.

И ние свештениците и епископите исто така сме чиносвештени и посветени во името на Пресветото Тројство. Монасите и монахињите ги полагаат своите завети во името на Пресветото Тројство. Свештениците благословуваат и посветуваат во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Конечно и христијанските бракови се благословуваат во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – во трајна, доживотна св. тајна на заеднички живот, стрпливост и љубов.

Една убава иако многу слаба и бледа слика на Пресветото Тројство горе на небото, е или барем би требало да биде доле на земјата секое христијанско семејство. Татко, мајка и деца, овие тројца исто така се, или барем треба да бидат едно срце, една верност, една љубов.

А кога еднаш по Божјата милост и милосрдие влеземе во вечниот мир, во вечната радост – ќе ни биде низ целата вечност уживање пред престолот на Троединиот Бог пеејќи и славејќи го: Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух,  сега и секогаш и во сите векови!

Драги браќа и сестри! Тајната на Пресветото Тројство ние со нашиот слаб разум не можеме да ја сфатиме, не можеме да ја достигнеме. Но има нешто поголемо и покорисно за нас, одошто Бога да го сфатиме – А ТОА Е БОГА ДА ГО ЉУБИМЕ!

Бог да го сфатиме е пожелно, ама Бога да го љубиме многу повеќе е заслужно. Ние никако нема да заслужиме небо и вечно блаженство додека мудруваме за Пресветото Тројство, туку додека Троединиот Бог од сето срце и душа го ЉУБИМЕ И НЕМУ СКРОМНО СЛУЖИМЕ!

Каква корист, високо да се заземаме за Пресветото Тројство, ако не бидеме скромни“ вели книгата Наследување на Христос. Затоа да настојуваме во понизноста на верата секогаш и насекаде, а особено на денешниот голем празник да го фалиме и славиме Пресветото Тројство. И тоа не само со зборови, туку и со дела. Бидејќи малку користи ако со устата го славиме Пресветото Тројство, а нашите дела таа слава ја уништуваат.

Најдобро ќе го славиме Пресветото Тројство, ако целиот свој живот без придржување и ограничување го посветиме на Пресветото Тројство, и бидеме подготвени, ако е потребно и жртва да принесеме во слава на Пресветото Тројство.

Ако, така христијански живееме, тогаш со својот живот најубаво и најзаслужно ќе го фалиме и славиме ПРЕСВЕТОТО ТРОЈСТВО овде на земјата – а ќе продолжиме да го славиме и со целиот небесен двор низ целата вечност горе на небото. Како и нашите предци да останеме верни кон Бога во Пресветото Тројство и да ја сочуваме христијанската слава на овој наш славен и препознатлив град Струмица. Амин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот