Поранешниот Скопскиот бискуп Чекада е праведник меѓу народите

Поранешниот Скопскиот бискуп Чекада е праведник меѓу народите

Монсињор Смиљан Чекада, Скопски бискуп (1940-1967) Јад Вашем го прогласи во 2010 година за праведник меѓу народите.

Во април 1941 година, откако Германија и нејзините сојузници од Оската ја окупираа Југославија, земјата беше поделена на области на контрола помеѓу Германија, Италија, Унгарија и Бугарија. Во замена за нејзината поддршка на Германија, на Бугарија и беше дозволено да ги анектира Македонија и Егејска Тракија. Во средината на 1942 година, беа отворени тајни преговори меѓу Бугарија и Германија за планирање на депортација на сите Евреи од Бугарија, Тракија и Македонија во логорите на смртта во Полска.

На почетокот на септември 1942 година беше формирана посебна Комисија за еврејски прашања (под Министерството за внатрешни работи) на чело со Александар Белев. Нејзината намера била да ја доврши изолацијата на Евреите од економијата, да ги елиминира сите нивни преостанати права и на крај да ги депортираат од земјата.

Договорот потпишан меѓу Германија и бугарската влада на 22 февруари 1943 година, предвидуваше дека први ќе бидат депортирани 20.000 Евреи од анектираните Тракија и Македонија.

На 11 март 1943 година, повеќе од 7.000 Евреи од Македонија беа собрани и префрлени во магацините на Монополот, тутунска компанија во Скопје, лоцирана веднаш до железничката пруга.

Д-р Смиљан Чекада (роден 1902 година) бил именуван за Скопски бискуп во август 1940 година. Веќе во својата прва проповед тој зборувал за правда за сите луѓе од која било националност или раса. На 11 март 1943 година испратил протестно писмо до командантот на скопската полиција Асен Богданов во кое акцијата против Евреите ја нарекол „болна појава“. Тој побарал ослободување на, како што кажал, „Евреите од католичка вероисповед“, инсистираше да му биде дозволено да ги посетува Евреите во магацините во Монополот и кон Евреите да се постапува хумано.

Богданов не одговорил на неговото писмо, туку испратил жалба до Артур Вите, германскиот конзул во Скопје. Оваа жалба Вите ја прикачил на својот извештај до Надворешни работи за депортацијата на Евреите од Македонија. Не само што бискупот д-р Чекада го ризикувал својот живот со тоа што отворено им се спротивставил на нацистите, туку и зел најмалку пет деца – четири момчиња и едно девојче, кои ги сокрил. Ги користел просториите на Католичката црква во Скопје, а подоцна и Летничкиот и Јањевскиот католички манастир. Меѓу децата спасени со неговата интервенција биле Шаул Гатењо (роден 1940 година), Алберт Мусафија (роден 1936 година) и Ерика Вајнгрубер. На 9 март 2010 година, Јад Вашем го прогласи Смиљан Чекада за праведник меѓу народите.

Yadvashem/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот