Порака на Папата за Светскиот ден на мирот

Порака на Папата за Светскиот ден на мирот

Како и секоја година по повод Светскиот ден на мирот кој се слави на 1 јануари, а кој се одбележува по 52 пат, папата Фрањо упати своја порака.

Овогодинешната порака на Светиот Отец насловена „Добрата политика е во служба на мирот“ е содржана во седум делови: 1) „Мир на таа куќа“; 2) Предизвикот за добра политика; 3) Љубовта и човечките добродетели се темелите за политиката во служба на човековите права и мирот; 4) Пороци на политиката; 5) Добрата политика промовира учество на младите и доверба во другиот; 6) „Не“ на војната и стратегија на стравот и 7) Големиот проект за мир.

Политиката: основен начин за упапредување на општеството

Папата во воведот назначува дека ставањето на мирот во ценатарот е посланието на Христовите ученици. „Тој мир се нуди на сите оние мажи и жени кои негуваат надеж во мирот среде трагедиите и насилството кои ја одбележуваат човечката историја. „Куќата“ за која Исус зборува е секое семејство, заедница, земја и континент, со своите карактеристики и со својата историја (…) Затоа ова нека биде мојот поздрав на почетокот на новата година: „Мир на таа куќа“, истакнува папата Фрањо во првиот дел.

Понатаму под наслов „Предизвикот на добрата политика“ потсетува дека мирот е како надеж за која зборува писателот Чарлс Пеги, каде опишува дека таа е налик на кревок цвет кој се бори за да не процвета на каменото тло на насилството. „Политиката е основен начин за унапредување на општеството и промовирање на човечките проекти, но кога политичкиот живот не се гледа како облик на служење на општеството во целина, може да стане средство за угнетување, маргинализација, па дури и уништување (…) Ако се остварува во основното почитување на животот, слободата и достоинството на човекот, политиката навистина може да стане извореден облик на „љубов“, истакнува поглаварот на Католичката Црква.

Во делот „Љубовта и човечките добродетели се темелите на политиката во служба на човековите права и мир“ при што истакнува: Делувањето на човекот на земјата кое е вдахновено и поддржано од љубовта придонесува за надградување на универзалниот небесен град кон кој напредува историјата на човечкото семејство.“ Укажува дека тоа е програмата околу која можат да се согласат сите политичари кои сакаат заедно да работат за благосостојбата на човечкото семејство.

Младите и довербата

Во продолжение зборувајќи за „Пороците на политиката“ потцртува дека тие се условени дали од личната неспособност или од неправилностите во системот и неговите институции. „Тие пороци кои го поткопуваат идеалот за автентична демократија, се срам за јавниот живот и го доведуваат во опасност општествениот мир. Во тие пороци се вбројуваат корупцијата (…) потоа негирањето на правата, непочитувањето на општествените правила, незаконското богатење, оправдувањето на власта со сила или со произволен изговор за државен развој (raison d’état) како и стремежот трајно да се задржи власта во рацете. На тоа можеме да ја додадеме ксенофобијата, расизмот, негрижата за животната средина, неконтролираното искористување на природните ресурси заради брза заработка и презирот кон оние кои се присилени на прогонство“, пишува Папата.

Во делот „Добрата политика промовира учество на младите и доверба во другиот“ се истакнува дека кога вршењето на политичката власт има исклучиво за цел заштита на интересите на неколкумина привилегирани поединци, иднината станува загрозена, а младите можат да подлегнат на искушението на загуба на довербата затоа што се осудени да станат на маргините на општеството, но „кога политиката напротив се претвори (…) во поттикнување на талентите кај младите луѓе и звањата кои бараат за да се остварат, мирот се шири во нивните срца и се одразува на нивните лица.“

Мирот е преобраќање на срцето и душата

Во претпоследниот и последниот дел Светиот Отец потсетувајќи на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна, истакнува дека додека се сеќаваме на младите луѓе кои загинали во тие битки и на растргнатото цивилно население, денес од било кога ја научивме страшната поука од братоубиствената војна: мирот никогаш не може да се сведе исклучиво на рамнотежата помеѓу моќта и стравот. „Теророт кој се спроведува над најранливите придонесува за протерување на цела популација која тргнува во потрага по место во кое ќе живее во мир. Неприфатливи се политичките дискурси кои се стремат вината за сите зла да ја префрлат на мигрантите и да им ја одземат надежта на сиромашните. Напротив потребно е повторно да се потврди дека мирот се заснова на почитувањето на секој човек, без оглед на неговата позадина, на почитувањето на законот и општото добро, на почитувањето на создадениот свет доверен на нашата грижа и богатството на моралните традиции наследени од претходните генерации“, предупредува Папата.

На крајот говорејќи за „Големиот проект за мир“, папата Фрањо вели дека мирот е преобраќање на срцето и душата и лесно е да се согледаат неговите три нераскинливо поврзани димензии во човечкото срце и мирот во општеството: мир со самите себе, мир со другите и мир со целиот создаден свет.

„Политиката на мирот која добро ја познава ситуацијата на човечката ранливост и ја презема на себе грижата за нив, секогаш може да се вдахновува од „Величај“ химна која Марија, Мајката на Христос Спасителот и Царицата на мирот, го пее во име на целото човештво: „И милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни; го прифати Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на татковците наши, на Авраама и на семето негово довека.“ (Лука 1, 50-55), стои на крајот од пораката на Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот