Помош на Папата за украинските бегалци

Помош на Папата за украинските бегалци

Папата Фрањо испрати медицински материјали во Римската базилика Света Софија преку Апостолската милостилница.

Околу украинската црква Света Софија, која во последните денови е центар на украинската заедница во Вечниот град, има многу камиони и автомобили кои доставуваат храна и други неопходни средства за живот на луѓето кои страдаат од драматичните последици од војната во Украина.

Покрај ужасните сцени во медиумите, има слики од многу возила кои трпеливо чекаат во колони во римскиот кварт Боче за да ја истоварат собраната роба – облека, конзерви со храна, играчки – доказ за близина, која настана спонтано по руската воена инвазија на Украина.

Во средата, помошта беше доставена од Папскиот делител на милостина, кардинал Конрад Крајевски, како одговор на апелот во последните денови на украинската заедница во Италија. Подарокот на Папата за почеток вклучува шприцеви, фластери, средства за дезинфекција и слично, а ќе следува и помош во лекови. Сето ова во наредните денови ќе биде доставено до Лавов, украински град кој е најблиску до полската граница.

Кардиналот Крајевски објасни дека Светиот Престол сака да им помогне на луѓето кои имаат потреба, не гледајќи на нивната националност, туку на нивната неволја. Апостолската милостилница продолжува со помошта. Имено Апостолските нунции во соседните земји на Украина добија средства за да помогнат во надминување на новите предизвици. Последен доби средства нунцијот во Романија кој се грижи за украинските бегалци во различни структури на локалната Црква. Оваа поддршка на Папата и близината, кои ги искажа оваа среда на Генералната аудиенција, се неопходни за да се постигне мир во срцето, рече кардиналот Крајевски.

Многу украински возачи на камиони, во меѓувреме ги ставија на располагање нивните камиони за транспорт за помош на своите сонародници.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот