Полнина на Законот

Говорот на Папата за време на Ангел Господов во недела 16 февруари 2014

Драги браќа и сестри,

Евангелието од оваа недела исто така е дел од т.н. „Говор на Гората“, првата голема Исусова проповед. Денешната тема е Исусовиот став кон еврејскиот Закон. Тој вели: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам“ (Мт 5,17). Значи, Исус не сака да ги укине заповедите кои Господ му ги даде на Мојсеј, туку сака да ги приведе кон полнота. И веднаш додава дека тоа “исполнување“ на Законот бара поголема праведност, поавтентично држење. Имено, Тој им вели на своите ученици: „Ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно“ (Мт 5,20).

Меѓутоа, што значи тоа „потполно исполнување“ на Законот? И во што се состои таа поголема праведност? Самиот Исус ни одговара со неколку примери. Исус беше практичен, за да им помогне на луѓето да го сфатат секогаш се служеше со примери. Започнува од петтата заповед на декалогот: „Сте слушнале дека им било речено на старите: ’Не убивај!… Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, виновен е пред судот’“ (р. 21-22). Со тоа Исус нè потсетува дека и зборовите може да убијат! Кога се вели дека некоја личност има јазик како змија, што сака со тоа да се каже? Со тоа сака да се каже дека зборовите убиваат! Затоа не само што не треба да се нападне животот на ближниот, туку не смее да се излева на него отровот на гневот и да се клевети. Не смее ни да се оговара. Така дојдовме до оговарањето: оцрнувањето на другиот, исто така, може да убие, бидејќи се убива добриот глас на личноста! Многу е грдо да се оговара! На почетокот може да делува пријатно, дури и забавно, како кога ќе се изеде слатка бонбона. Меѓутоа на крајот ќе ни го исполни срцето со горчина и нè труе и нас самите. Ќе ви ја кажам вистината: уверен сум дека ако секој од нас одлучи да го одбегнува оговарањето, на крајот светот ќе стане свет! Тоа е убав пат! Сакаме ли светот да стане свет? Да или не? (Народот на плоштадот: Да!) Сакаме ли оговарањето да ни стане навика? Да или не? (Народот на плоштадот: Не!) Тогаш сме сложни околу тоа: нема оговарање! Исус му предлага на оној кој го следи совршенство на љубовта: љубов чија единствена мерка е таа да нема мерка, што ја преминува секоја пресметка. Љубовта спрема ближниот е важен темелен став што дури Исус вели дека нашиот однос со Бог не може да биде искрен ако не сакаме да се помириме со ближниот. И вели вака: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (р. 23-24). Затоа сме повикани да се помириме со нашите браќа пред да ја покажеме нашата побожност кон Господ во молитвата.

Од сето тоа може да се сфати дека Исус не му придава важност на дисциплинарното одржување и надворешното поведение. Тој продира во коренот на Законот, вперувајќи со прстот пред сè во намерата, значи во човечкото срце, од каде потекнуваат нашите добри или зли дела. За да биде нашето поведение добро и искрено не се доволни само правни норми, туку нужни се и длабоки мотивации, кои се израз на сокриена мудрост, на Божјата мудрост, која може да биде прифатена благодарение на Светиот Дух. А ние, преку верата во Христос, можеме да се отвориме за делувањето на Духот, кој нè оспособува да ја живееме Божјата љубов.

Во светло на тоа учење, секоја заповед го открива своето полно значење како услов на љубовта, и сè се здружува во најголемата заповед:  Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; а својот ближен како себеси!

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот