Покров на Пресвета Богородица

Црквата нѐ учи за Богородица дека таа е покровителка, заштитничка, застапничка на христијаните, наша Небесна Мајка, која се застапува за нас пред својот Син. Тоа посебно се истакнува преку празникот Покров на Пресвета Богородица, кој има своја историска позадина во Цариград. Имено на 14 октомври (нов стил) 911 година за време на царот Лав Мудриот во богородичната црква во Влахерна во Цариград имало сеноќно бдение. На бдението црквата била преполна со народ. Така во четвртиот час од ноќта, додека свети Андреј Јуродив со неговиот ученик Епифаниј стоеле во задниот дел на Црквата се објавила Богородица со распрострен омофор на рацете како го покрива народот. Таа целата блескала со неопишлив сјај опкружена со ангели, апостоли, светители, маченици и девици. Свети Иван Крстител и свети апостол Иван Богослов ја придружувале Небесната Царица. Пресветата Дева почнала со солзи да се моли за христијаните и долго време останала во молитва. Потоа, пристапувајќи до Престолот, ја продолжила својата молитва. Кога ја завршила молитвата, таа од својата глава го симнала покривалото и го распрострела над нажалените луѓе во храмот, заштитувајќи ги од видливите и невидливите непријатели. Гледајќи го сето тоа свети Андреј со рака покажувајќи кон Богородица го прашал блажениот Епифаниј: Ја гледаш ли Царицата над сите, како се моли за целиот свет?, на што тој одговорил: „Ја гледам и се восхитувам!“

Во чест и спомен на ова јавување започнува да се слави овој празник, кој што е само уште една потврда дека Пресвета Богородица е заштитничка на целиот христијански народ. Нејзиното заштитништво се покажало многупати и пред и по овој настан. Преку овој празник Црквата ни потврдува за нејзиното молитвено застапништво за нас луѓето пред престолот на Троиствениот Бог.

к.мк/го*ко

За авторот