Покрај работниците на полето работи и нивниот бискуп

Одговарајќи на повикот на една чесна сестра, бискупот Арпондратана престојуваше со земјоделците сакајќи да го запознае нивниот живот и да ја промовира Социјалната наука на Црквата. „Настојувам да ги запознам земјоделците, а истовремено и да ја промовирам Социјалната наука на Католичката Црква, така да и селаните можат да допринесат на целосниот човечки развој, кон општото добро на семејството и целата држава – рече бискупот Франсис Ксавиер Вира Арпондратана, опишувајќи го своето искуство со земјоделците од тајландската бискупија Чианг Маи, на северот од Тајланд – пренесува Католичката новинска агенција (КНА).

Економијата на бискупијата – како што пренесува агенцијата Азијањуз – главно се потпира на земјоделството, кое во планинските предели нема ни основни услови за развој, како вода и струја, модерни средства за известување, пат и инфраструктура. Говорејќи за својот земјоделски труд, бискупот истакна дека во почетокот сакал да им помогне на селаните, а една чесна сестра го поттикнала на работа со прашањето: „Зошто не работите со нас“? Работата на бискупот во полето била извор на вдахновение за селаните и за вероучителите од бискупијата Чианг Маи, а придонела и за јакнење на чувството за солидарност меѓу земјоделците и меѓуплеменската соработка. Ја познавам економската состојба во Европа – забележа бискупот – од Европјаните не можеме да бараме помош. Мораме на луѓето да им објасниме дека е потребна взаемна поддршка; не можеме да очекуваме поддршка однадвор – заклучи бискупот.

Бискупот Арпондратана има 58 години. За свештеник е ракоположен 1981 година во надбискупијата Бангкок каде пасторално делувал до 2009 година, кога, станувајќи бискуп, се преселил на северот од Тајланд. „Сакам да бидам со народот за да можам подобро да го разберам“ – рече бискупот мислејќи најпрво на шест племенски заедници кои живеат во неговата бискупија. Бискупијата има околу илјада катекумени, кои посетуваат веронаука подготвувајќи се за Светата тајна Крштение. Недостатокот од свештеници кои го говорат локалниот јазик претставуваат најголем проблем. Вероучителите се вистински „мост“ за надминување на тешкотиите, оддалеченоста и несфаќањата предизвикани од јазичните тешкотии. Во тој контекст, како што и било во главниот град, „незаменлива е улогата на лаиците“.

Бискупот на крајот од разговорот како приоритет ја спомна обиколката на бискупијата како би се сретнал со што поголем број заедници – заклучи бискупот Арпондратана.

РВ/С.С.

Категорија: Свет

За авторот