Поздравен говор на монс. Киро Стојанов до Н.В.П. монс. Томо Вукшиќ, надбискуп и митрополит врхбосански

Поздравен говор на монс. Киро Стојанов до Н.В.П. монс. Томо Вукшиќ, надбискуп и митрополит врхбосански

На 20 ноември 2022 година во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, за време на светата Литургија, монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, која ја служеше во заедништво со монс. д-р Томо Вукшиќ, Врхбосански митрополит и надбискуп и Воен ординариј во Босна и Херцеговина го поздрави со следниве зборови.

Ваше Преосвештенство, господине надбискупе монс. Томо Вукшиќ, браќа свештеници, чесни сестри, драги слушатели на брановите на Радио Марија, браќа и сестри во Христа ми причинува особена чест и радост да ве поздравам сите вас на оваа света архиерејска Литургија.

Ми причинува особена радост меѓу нас да го поздрвам Н.В.П. монс. д-р Томо Вукшиќ, надбискуп и митрополит врхбосански, заедно со неговите придружници: дон Дино Мустафа и дон Давор Топиќ, на сите вас познат поранешен катедрален парох во Скопје.

Ваше Преосвештенство, искрено Ви благодарам што во својата зафатеност најдовте време – а тоа може да најде само љубов – да ја посетите нашата Католичка црква во Македонија, каде прв евангелизатор беше апостолот на народите свети Павле, кој необично ја сакаше Црквата која ја основа во Македонија – во Филипи и други градови и места од каде што потекнува и оваа наша Католичка заедница.

Овој ден за нас е ден на радост и гордост. Светиот отец папа Фрањо постојано нè повикува да имаме чувство кон оние кои се на маргините и за малите и затоа сме горди што Вие денес сте меѓу нас Католиците од Македонија од источен и западен обред, кои сме малобројна Црква во нашата Татковина, а сепак препознавте дека можете на нас малите и на маргините да ни донесете голема радост, дека Бог е свртен токму кон најпотребните, малите, сиромашните но богати во Духот и христијанската традиција.

Ваше Преосвештенство, нека Вашето доаѓање биде благословено и секој Ваш збор нека падне на плодна почва, зашто тука свештениците, монасите, монахињите и Божјиот народ – поминувајќи низ тешка историја чувствуваат дека Божјиот плуг изорал длабоки бразди и дека сега сме плодна нива за семето на Божјото слово кое го очекуваме од Вас. Благословен е Оној кој доаѓа во името Господово!

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот