Поздравен говор на монс. д-р Киро Стојанов на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Поздравен говор на монс. д-р Киро Стојанов на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

„Миграцијата и предизвикот на интеграцијата низ дијалог помеѓу религиите и културите“

Почитувани браќа и сестри,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Се радувам што годинава се одржува оваа Светска конференција која во себе интегрира и меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Во дијалогот препознаваме единствен правилен начин со кој во различноста би се нашле на истиот пат, токму во барањето на одговори на кои не повикуваат предизвиците на времето и на кои, како луѓе со одговорност треба да дадеме одговор, онака како што од нас со право очекуваат нашите народи.

Со овие мисли сите вас ве поздравувам и изразувам задоволство од темата која не е ниту лесна ниту едноставна и заради тоа свесни сме дека не ќе можеме да ја опфатиме со целосен  одговор. Но, фактот дека сме собрани заедно го означува правењето на првиот чекор, се разбира во согласност со  времето и можностите.

Дозволете ми веднаш да започнам со еден вернички став што ние христијаните го исповедаме, а тоа е дека човекот, па и целото човештвото, е само патник на оваа земја – поклоник кон вечната цел – вечниот живот. Во извесна смисла на зборот миграцијата, барем за нас христијаните не е никаква новост, туку само е освестување на фактот дека човекот е патник.  Верувам дека сите сме соочени со феноменот на една нова миграција која се разликува и од овој верски поим и од историските факти кои зборуваат за преселбата на народите. Современата миграција е предизвикана од бројни немири, војни и прогонства но и од економски причини. Некој „тргнува“ во нов свет затоа што е протеран или присилен да го напушти своето дедовско огниште, а друг според онаа народната „на печалба“. Како и да е, ние како современици соочени сме со фактот дека токму нашата земја, токму Македонија, на посебен начин е своевиден миграциски коридор за што бевме сведоци и се уште сме. Да не го заборавиме болниот факт дека и нашите народи, а пред сè Македонците, во голема мера се миграциски народ. Веројатно државните институции поседуваат податоци колку наши граѓани живеат во странство. Како Католички бискуп и Апостолски егзарх на оваа територија и самиот знам дека илјадници наши верници сега живеат не само низ Европа туку  ги има и на сите континенти. Иако тоа е друга тема, нека не ми биде забележано, доколку го поставам прашањето: Зошто во современиот свет а воедно и кај нас  во Република Македонија постои толкав миграциски проблем? Но, сметам дека организаторот исто така, имал на ум дека токму миграцискиот фактор е предизвик за тоа како да се гради интеграциски процес. Имено, субјектите во сите миграции со себе носат своја посебност и свои карактеристики. Тие  најчесто наидуваат на сосема поинаков менталитет и тогаш настанува проблем со интеграцијата. Како да се сочува своето, а во исто време да се прилагоди на  новото. Верувам дека ќе се согласите со тврдењето дека интеграцијата е многу тежок процес кој пред сè не е  едноставен ниту за државните структури и ниту за општествените институции. Повикот до Црквите и верските заедници да се вклучат во тој интеграциски процес за нас верниците претставува не само покана туку  и предизвик. Од една страна се соочуваме со фактот на другите и на поинаквите, а од друга, со сопствената култура и самобитност. Дијалог меѓу нас овде во Македонија, благодарение на залагањата на сите – како што знаете – постои. Не би сакал овде да говорам за сите направени чекори, но сите сме сведоци дека меѓурелигискиот дијалог дава големи плодови. И покрај тензиите се осмелувам да тврдам дека Црквите и верските заедници во голема мера придонесуваат за мирот и стабилноста на нашата Татковина.

Јасно, пред новите предизвици треба да застанеме со истите принципи и начела што ги постигнавме соработувајќи во изминатите години. Црквите и верските заедници се свесни колку верските и религиските вредности се вредности вродени во човекот. Без оглед на неговата декларативна припадност, човекот во својата природа носи  ориентација кон Бог и кон вечните вредности. Колку поавтентично ја живееме својата вера и сопствената религиска пракса толку појасно нудиме степен на вредност според која човекот и како поединец и како заедница е врвна норма и вредност за која живее. Ниту една религија или вера не може да застапува раздор, немири и конфликти. На патот на интеграцијата оваа способност и мирољубивост е многу битна. Имено, секој кој се среќава со овој мирољубив став го почитува достоинството на другиот, а при тоа не  губи од своето достоинство и од својот интегритет. Улогата на верските заедници е токму во тоа: секому да му помогне да остане човек, или поточно, да биде повеќе човек и подобар човек, овозможувајќи му на тој начин  полесно интегрирање во новото општество.

Поимот дијалог помеѓу религиите и културите како тема сама по себе  претставува огромен предизвик. Имено, секоја верска заедница или религиска група со силата на внатрешниот живот на својата вера гради и своја култура. Да не заборавиме дека зборот култура доаѓа од култ а култ е parexellence верски поим на почитување на Бога и начин како се искажува почитувањето на човек кон човекот. На тој начин поедини верски заедници се препознаваат според својот обред – култ во кој е вградена сета историска култура на тој народ. Традицијата е моќен чувар на таа автентична култура. До што може да не доведе дијалогот помеѓу религијата и културата? Сметам дека во тој дијалог може да се најде  она што како заедничко наследство и вредности, не поврзува токму во културата. И затоа, доколку и на овој начин гледаме на културата ние можеме многу да придонесеме во процесот на интеграцијата.

Почитувани, со ова кусо излагање сакам да ве поздравам и да дадам свој придонес кон оваа позитивна иницијатива која веќе по четврти пат се организира во Република Македонија. Им посакувам успех и мудрост на предавачите, а нашето заедништво кога вака сме собрани, нека биде знак за поголемо взаемно поврзување и поголем заеднички придонес, во давањето одговори кои од нас ги бара зададената тема. Нека овие два дена не следи Божјиот благослов, молитвите на нашите верници и поддршката на сите луѓе со добра волја, кои ги поздравувам. Благодарам.

д-р Киро Стојанов,бискуп

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Колумни, Размислување

За авторот