Повикани сме да бдееме, не знаеме кога Господ ќе дојде

Повикани сме да бдееме, не знаеме кога Господ ќе дојде

Повикани сме да бдееме затоа што не знаеме кога Господ ќе дојде – порача папата Фрањо во пладневниот наговор на собраните верници на плоштадот Свети Петар, на 27 ноември 2016 година.

Присутните ги потсети дека денес на првата недела од Божиќниот пост започна новата литургиска година односно новиот пат на верата на Божјиот народ. Папата истакна дека денешното Евангелие (Мт 24, 37-44) нѐ воведува во една од највпечатливите теми на Божиќниот пост: Господовата посета на човештвото.

Првото доаѓање – продолжи Папата – се случи во Овоплотувањето, раѓањето на Исус Христос во витлеемската штала. Второто доаѓање се одвива во сегашноста: Господ постојано доаѓа, секојдневно, оди со нас и го претставува присуството кое нѐ утешува. Конечно овде е и Исусовото трето последно доаѓање, кое го исповедаме кога го молиме Верувањето: „И пак ќе дојде да им суди на живите и мртвите.“ Господ денес ни говори за таа посета, што ќе се случи во последните времиња.

Папата Фрањо рече дека Божјото Слово донесува контраст помеѓу секојдневните рутини и изненадното доаѓање на Господ. Папата го повтори Исусовото предупредување: „Оти како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ“ (Мт 24, 38-39). Светиот Отец не смета дека Евангелието сака да нѐ исплаши, туку сака да го отвори нашиот хоризонт за друга димензија, она најголемата, која од една страна ги релативизира работите и настаните на секојдневието, а во исто време ги прави пресудни, скапоцени. Односот со Бог Кој доаѓа да нѐ посети дава на секој гест, на работите поинакво светло, тежина и симболичка вредност.

Папата го истакна и повикот на трезвеност: не да нѐ управуваат работите на овој свет, туку ние нив да ги управуваме. Но ако дозволиме тие да нѐ надминат – предупреди Светиот Отец – нема да можеме да го воочиме постоењето на нешто многу поважно: нашата конечна средба со Господ кој доаѓа заради нас. Во тој момент како што пишува во Евангелието „ќе бидат двајца на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави.“ Тоа е повик на претпазливост затоа што не знаеме кога Господ ќе дојде, секогаш треба да бидам подготвен – рече папата Фрањо. Треба да научиме да не зависиме од нашите сигурности, од нашите утврдени шеми – предупреди Папата – затоа што Господ доаѓа во час кога не го очекуваме. Доаѓа за да нѐ воведе во прекрасната и величествена димензија.

После молитвата Ангел Господов папата Фрањо порача дека се моли за населението во Средна Америка посебно за Костарика и Никарагва кои ги погоди ураганот Ото. Покрај тоа Никарагва пред неколу дена ја погоди и силен земјотрес. Исто така кажа дека се моли за народот во северна Италија кој  трпи заради поплавите. Откако ги поздрави поклониците кои дојдоа во Рим од разни краеви на светот ги повика присутните да не заборават да се молат за него и им посака пријатен ден.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот