Пет едноставни начини повеќе да наликуваме на Марија

Пет едноставни начини повеќе да наликуваме на Марија

Марија била зачната без грев, па кога гледаме на нејзиниот живот со цел таа да ги води нашите сопствени постапки, можеме да ја видиме рефлексијата на она што би било Божјиот волја за нас, ако не бевме контролирани од гревот. Се разбира, никој од нас не може да каже дека ние всушност сме ослободени од товарот на гревот во нашите секојдневни животи, но сите треба да се трудиме да се приближиме до волјата Божја и да бидеме подалеку од гревот кој нè спречува да ја примаме Неговата милосрдна љубов.

Значи, кога ни требаат конкретни примери за тоа како да зборуваме, да дејствуваме и да се сакаме едни со други, нема никој подобар на кој можеме да му се обратиме од Марија. Еве неколку едноставни начини со кои можеме повеќе да наликуваме на Марија овој месец.

Кажи ДА

Во Светото Писмо, случувањата со Марија започнуваат со нејзиното „да“ на Бога. Тоа беше потврда исполнета со многу прашања, но таа ја даде својата согласност на Бога. И погледнете што Тој направи со нејзината едноставна одлука.

Што е тоа за што Бог од нас бара да кажеме „да“? Што е тоа што ни се чини тешко, страшно, па дури и сосема лудо, а што Бог постојано ни го става на нашите срца? Дали е тоа промена во кариерата? Да се селиме низ целата земја? Да себиде отворен за уште едно бебе?

Овој месец, запрашајте се што може Бог да бара од вас, а потоа да се потрудите да најдете храброст да кажете „да“ на Неговата волја за вас.

Бидете понизни

Дали некогаш ве прашал некој да направите нешто навистина важно за нив? Како се чувствувавте? Можеби малку … гордо? Кога некој ќе побара поголема услуга од мене, честопати се чувствувам поласкано, но доколку не сум внимателена, тоа чувство може да се претвори во чувство дека мора да бидам прилично одлична, доколку мислат дека можам да се справам со тоа. Понекогаш се умислувам. Или понекогаш тоа се манифестира како лажна понизност.

Но, кога Бог ја запраша Марија преку ангелот Гаврил да биде мајка на Бога, таа не се чувствуваше умислено. Ниту, таа се обиде да го убеди Бога дека не е доволно добра. Таа едноставно рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според зборовите твои!” (Лука 1,38). Тоа е вистинска понизност. Вистинската понизност бара само да се врши волјата Божја.

Каде од нас бара Бог да бидеме повеќе понизни во нашите животи? Можеби тоа е извршувањето на ужасната домашна работа (чистење на тушот! миењето садови!) која никој друг нема да ја забележи, без притоа да ја споменеме. Можеби да го воздржиме јазикот кога сакаме да се одбраниме себеси, зборувајќи притоа против некој друг. Можеби тоа значи само да се насмееме кога некој ни дава комплимент, велејќи ти благодарам.

Марија ни даде пример за совршена понизност, за да можеме да се свртиме кон неа кога со тоа се бориме.

Споделете ја радоста

Не знам за вас, но јас да бев Марија, ќе бев прилично исплашена, затоа што го носам Синот Божји. Мислам дека би сакала да се скријам. Но, не и Марија. Таа си замина од дома, за да ја посети својата роднина, Елисавета, која исто така очекуваше машко бебе. Тие се прегрнаа една со друга и ја споделија радоста на чудата што се случуваат во нив. Марија не ја чуваше радоста за себе. Таа ја сподели со својата пријателка.

Толку често забораваме дека дел од тоа да се биде во семејство или пријателство е заедничкото споделување на радоста. Не само поминувајќи забавно време заедно, туку навистина уживајќи во радостите на другите. Понекогаш ни е тешко да ја споделуваме радоста на другите кога сме во болка. Или, се колебаме да прославиме со другите, затоа што се плашиме дека ќе помислат дека се фалиме за доброто што ни се случува.

Но, да ја скриеме нашата радост е како да ги криеме најдобрите делови од она што нè прави луѓе. Бог нè натера да ги спознаваме и тагата и радоста и да ги доживееме и обете работи во заедницата.

Марија е совршена личност која ни помага да бидеме храбри во споделување на нашата радост.

Поставете го големото прашање. Смело.

Кога виното се потрошило за време на свадбената прослава во Кана, Марија отиде право кај Исус. Не трошеше време велејќи: „Исусе, мислев, ај… можеби Ти можеш да помогнеш? Можеш ли? Навистина нема да биде голем проблем. Ако не можеш, во ред“. Не. Таа отиде кај Него и го замоли да го реши проблемот. Потоа, таа претпостави дека Тој тоа ќе го стори.

Дали сме сигурни во нашата молитва? Дали ги носиме нашите проблеми на Исус и ги оставаме пред Неговите нозе, верувајќи дека тој ќе се погрижи за нив? Дали е така со сите аспекти од нашите животи? Дали се откажуваме да прашаме она што го сакаме на работа, дома или со нашите пријатели затоа што се плашиме дека некој ќе рече не или ќе бидеме разочарани?

Овој месец, молете се за посредување на Марија за да бидете смели со вашите молитви и вашите надежи. Исус никогаш не нè изневерува.

Сочуствувајте со некого во неговата болка

Малкумина од нас можат да го замислат хоророт дека мора да гледате некој што го сакате како го тепаат, измачуваат и убиваат. Но, Марија не се сврте настрана. Остана. Таа беше со Исус во Неговото време на отфрленост и болка.

Можеби нема да бидеме повикани да бидеме сведоци на тој вид вознемирувачко искуство, но сигурно има луѓе во нашите животи кои се во криза, кои се обидуваат да се пронајдат, или на кои им треба некој само да седи со нив во нивното страдање.

Ова може да значи само слушање кога некој пријател поминува низ лошо раскинување или заедно да плачеме со некој член на семејството, кога тој загубил некој кој го сака. Христијаните се повикани да не стојат настрана од страдањето, не од страдањето во нас самите и не во страдањето на оние околу нас.

Марија ни дава совршен пример за љубов која никогаш не стои настрана и никогаш не се откажува.

Како вие настојувате повеќе да наликувате на Марија?

Кристина Колб/к.мк/Кате.М

Категорија: Вера, Семејство
Ознаки Богородица

За авторот