Петок, 13 септември 2019, Дванаесета седмица по Педесетница

Петок, 13 септември 2019, Дванаесета седмица по Педесетница

Свето Евангелие според Марко 4, 1-9

1. И пак почна да поучува покај морето; и се собра околу Него многу народ; Он влезе тогаш во кораб во морето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето. 2. И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше: 3. Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее; 4. и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа. 5. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока; 6. а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија. 7. Некои паднаа во трње; и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод. 8. А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа; кое триесет, кое шеесет, кое сто.” 9. И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!”

Размислување за Евангелието

Параболата за сејачот е една од најпознатите Исусови споредби. Таа многу зборува за тоа како го примаме Словото Божјо. Исус не само што земал примери од секојдневниот живот на тамошните луѓе, туку ги користел и како слика, за да им го навести на луѓето поблиску царството Божјо.

Во оваа споредба семето е Божјото Слово, а земјата сме ние луѓето, а сејачот е самиот Бог. Пред да започне да ја кажува споредбата за сејачот и семето, Исус ќе рече: Слушајте! Многу е важно Словото Божјо да се слуша со отворено срце за да може во нас да навлезе, за да го слушнеме што тоа конкретно сака да ни каже за нашиот живот. Зато и свети Павле јасно ќе каже: Верата доаѓа од слушање, а слушањето – од словото Божјо.

Колку често го читаме Светото Писмо, колку често му дозволуваме на Бог да ни зборува преку Него?

Слушаме од Евангелието како Сејачот, кој во оваа споредба е Бог, не го штеди семето односно своeто Слово. Го сее насекаде, сака да допре до секој, не сака да изостави никој, кој според земјоделската логика, никој и не би фрлал семе на пат или каменито место. Но Бог го нуди своето Слово насекаде. Се надева дека ќе даде барем некаков плод.

Така Господ преку ова Евангелие го фрла семето и врз нас, ни го дава своето Слово за да почне да се вселува верата во нас, ако не веруваме, односно да се зајакне и зацврсти.

Ова Евангелие уште нѐ поттикнува да размислуваме за нас самите, каква земја сум, на која што ќе падне семето, односно како го прифаќам? Има четири вида земја: покрај пат, каменита, со трње или добра земја.

И не треба да се откажуваме ако сме една од оние земји кои не се добри. На Словото покрај тоа што му е потребно време за раст има потреба и од нега. Секој кој што има работено земјоделие многу добро знае колку е напорно да се израсне едно растение додека да донесе плод. Така е и со нас луѓето. Затоа треба да дозволиме, како што земјоделецот ја обработува земјата, ги наводнува растенијата, ги потхранува, ако има потреба ги врзува се со цел да даде род. Па така дозволи му на Господ да работи на тебе, за да те направи да бидеш добра земја, која ќе даде род: триесет, шеесет, или сто. (го*ко)

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот