Паљурци: Молебен до Пресвета Богордица

Паљурци: Молебен до Пресвета Богордица

Во недела 9 јули 2017 година во Паљурци Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов го предводеше Молебенот до Пресвета Богородица, во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија, како и бројни верници кои по тој повод дојдоа од повеќе парохии од Македонија.

За време на молебенот епископот Стојанов се обрати до присутните верници при што на самиот почеток поздравувајќи ги верниците истакна дека се наоѓаме во најголемата црква на нашиот Апостолски егзархат, под нас се наоѓа нашата македонска земја, а сводот ни е синото небо.

Во продолжение на својата проповед монс. Стојанов рече: Стоиме на местото кое сакаме да го посветиме на човекот, апостолот што во самите почетоци на христијанството го посети овој наш крај и ги засади корените на христијанството на оваа плодна македонска почва. Можеби некој ќе каже дека сонуваме, но сепак токму од свети Павле учиме дека невозможните работи стануваат возможни со силата на верата која е секогаш Божји дар.

Но затоа бискупот Стојанов повика најпрво „во себе да изградиме светилиште – место на Божјото живеење. Истиот апостол Павле не повикува да не заборавиме дека сме Храм на Светиот Дух. Залудни се светилиштата, дури и ова, ако пред тоа не бидеме живи храмови Божји. (…)Што ни преостанува на нас молителите во таа борба за изградба на себе како Храм одошто молитвата дека тоа во нас како и во Павле го прави Светиот Дух. Коа Павле се наоѓаше во најголема тешкотија и дури понижен запиша: кога сум слаб, тогаш сум јак. Кога јас не можам скоро ништо со својата сила тогаш може Бог сѐ со својата семоќ.

Владиката Стојанов ја заврши својата проповед со следните зборови: „Еве драги браќа и сестри, нека сведок на нашите молитви и планови биде ова небо и ова земја, сакаме да бидеме живи Храмови и сведоци на Исус Христос, како апостолот на народите на кого сакаме овде да му изградиме светилиште, заедно со светилиштето на Мајка Божја Утешителка, кое недалеку од тука се надзира. Светилиште од кое во 1908 година тогашниот владика Епифание Шанов го посвети македонскиот народ под заштита на Мајка Божја Утешителка, а со неговото возобновување и изградбата на Светилиштето на свети Павле ќе го посветиме македонскиот народ под нивна заштита и застапништво пред Господа Бога за да ова место повторно ја добие првобитната цел на духовен раст и евангелизација меѓу народите, а многумина на оваа место, како некогаш така и денес најдат утеха и радост.

По завршувањето на Молебенот во амфитеатарот младите од Радово ја прикажаа претставата „Мисијата на свети апостол Павле во Македонија“. Со музички точки настанот го збогатија младите од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица и Свети Кирил и Методиј – Петралинци во придружба на гитара.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот