Патријархот Тавадрос II. заедно со папата Фрањо им се обрати на ходочасниците на Генералната аудиенција

Патријархот Тавадрос II. заедно со папата Фрањо им се обрати на ходочасниците на Генералната аудиенција

Папата Тавадрос II, поглавар на Коптската православна црква, зборуваше на Генералната аудиенција во Ватикан заедно со папата Фрањо, педесет години по историскиот христолошки договор меѓу двете цркви, истакнувајќи дека „оваа посета нè приближува до денот кога ќе бидеме едно“.

На редовната Генерална аудиенција, во среда 10 мај 2023 година, на Светиот Отец му се придружи папата Тавадрос II, поглавар на Коптската православна црква, кој дојде во Рим по покана на папата Фрањо за да ја одбележат 50-годишнината од историската средба на нивните претходници, свети Павле VI. и папата Шенуда III, што се одржа во мај 1973 година.

По обраќањето на Неговата Светост Тавадрос II, Папата го упати својот поздрав. На крајот од Генералната аудиенција Светиот Отец и Неговата Светост Тавадрос II. заедно ја молеја Господовата молитва и го дадоа својот благослов на присутните верници.

Во четврток, 11 мај, патријархот Тавадрос II. приватно ќе се сретне со папата Фрањо, со кого ќе има момент на заедничка молитва. Потоа следи посета на Дикастеријата за промовирање на христијанското единство. Патријархот ќе се сретне и со верниците од коптската заедница кои живеат во Рим, за кои во недела на 14 мај ќе служи света Литургија во Папската базилика Свети Иван Латерански во Рим.

Зборовите на папата Фрањо

„Со голема радост“, рече папата Фрањо, „денес ја поздравувам Неговата Светост Тавадрос II, папа Александриски и патријарх на Престолот на Свети Марко“.

„Драг пријателе и брат Тавадрос“, рече папата Фрањо и додаде: „Ви благодарам што ја прифативте мојата покана на оваа двојна годишнина и се молам светлото на Светиот Дух да ја осветли вашата посета на Рим“.

„Ви благодарам од се срце за вашето посветено залагање за сѐ поголемото пријателство меѓу Коптската православна црква и Католичката црква“, истакна папата Фрањо.

Одложувајќи го за момент својот подготвен говор, тој погледна во папата Тавадрос II, шегувајќи се дека и покрај тоа што двајца разговараат секоја година на телефон, „ние остануваме добри браќа и не сме се карале!“.

Папата Фрањо го заврши своето обраќање со зборови упатени до коптските епископи и верниците присутни на плоштадот Свети Петар.

„Заедно со вас“, рече Римскиот бискуп, „го молам Семоќниот Бог да ни помогне, преку посредништво на светците и мачениците на Коптската црква, да растеме во заедништвото, во единствена и света врска на вера, надеж и христијанска љубов. Кога зборуваме за мачениците на Коптската црква, а тие се и наши маченици, сакам да ве потсетам на мачениците на либиската плажа, кои беа прогласени за маченици пред неколку години“.

Молитва за Украина

Откако ги поздрави верниците на различни јазици – вклучително и италијанскиот, папата Фрањо поттикна на молитва до Пресвета Богородица „во месецот посветен на неа“, а на нејзино застапништво и ја довери „напатената Украина“.

Поздрав од Тавадрос II.

„Возљубен брате, Неговата Светост Папа Фрањо“, рече папата Тавадрос II, „Христос воскресна, навистина воскресна!“.

Коптскиот православен поглавар потсети на неговата последна посета на плоштадот Свети Петар, на денешен ден пред десет години. „Го гледам ова место“, рече тој, „и во сеќавањето се навраќам пред десет години, на истиот датум, сеќавајќи се на љубовта со која ме пречекавте, заедно со делегацијата на Коптската црква“.

Папата Тавадрос II. потсети дека по тој повод, на 10 мај 2013 година, предложил тој датум секоја година да се слави како „Ден на коптско-католичкото пријателство“. Оттогаш, рече тој, папата Фрањо и тој разговараат телефонски на 10 мај секоја година.

Коптскиот православен поглавар му се заблагодари на папата Фрањо за неговата посета на Египет во 2017 година, потсетувајќи дека земјата – каде што неговата Црква го има седиштето – има антички христијански корени и дека е земја во која е родено монаштвото.

„И покрај разликите во нашите корени и припадности“, рече тој, „нѐ обединува љубовта Христова која престојува во нас и мноштвото наши апостолски отци и светци кои нè опкружуваат и нè водат“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот