ПАСХАЛНО БДЕНИЕ

Пасхалното бдение е средба на историјата и вечноста, небото и Земјата, животот и смртта.

Замислете ја оваа сцена: Бог бдее, а неговиот народ спие. Бог ја држи испружена раката, а неговиот народ под јорганот ги држи прекрстени рацете. Бог говори, а неговиот народ хрчи. Бог се бори против непријателот, а неговиот народ сонува. Бдението е важно. Пресудно. Тоа е почва на Божјото делување. Кој не бдее во пасхалната света ноќ, останува во египетското ропство. Останува под дикаторската палка на фараонот. Останува заробен на неговиот идолопоклонички дух. Останува во смртта. Во ропство. Ропство на гревот, светот и ѓаволот.

Христос цела ноќ ја помина бдеејќи. Испружената рака на Отецот сега е во Неговата рака, која го дава своето Тело и својата Крв. На масата е лебот на ропството и чашата на воскресението. Неговите зборови до учениците, бдејте и молете се за да не паднете во искушение се искажани во Гетсеманската градина во таа света ноќ, откако испеаја благодарствена песна се искачија во предолот наречен Гетсеманија.

Бдее оној кој чека. Оној кој е исполнет со надеж. Зошто да се бдее ако ништо нема да се случи? Зошто ми е потребно бдение ако немам потреба од ослободување и воскресение? Ако сум сит или ако не верувам во некој кој може да ми пружи рака и да ме извлече од трагедијата? Апсурдно е да се бдее, а ништо да не очекуваш?

Што очекува христијанинот? Победа над смртта. Во ноќта на пасхалното бдение, Бог делува за да ги ослободи робовите и да ги воскресне мртвите. Бдее оној кој е просветлен. Оној кој е свесен за своето длабоко ропство и смрт. Какво ропство и каква смрт? Ропство на гревот, светот и ѓаволот и смрт на душата. Смрт на битието. Онтолошка смрт. Смрт која доаѓа по одвојувањето од Бог. Вистинска смрт. Вечна смрт.

Преземено: Глас Концила

За авторот