Папската академија за живот предупредува: Дали е на ред да се клонира човек?

Папската академија за живот предупредува: Дали е на ред да се клонира човек?

Црквата никогаш нема да одобри клонирање на човек. Сѐ што е можно, воедно не е и исправно“

Откако минатата седмица од Кина пристигнаа вести за првото успешно клонирање на два мајмуни, за потенцијалната опасност од тој потфат се осврнаа ватикански претставници задолжени за биоетички прашања.

Надбискупот Винченцо Паглија, претседател на Папската академија за живот истакна дека станува збор за важен придонес за разбирањето на човекот, но и дека истовремено е потребно да се проценат ризиците од можностите за користење на таквите експерименти врз луѓето, предупредувајќи дека „сѐ што е можно, воедно не е и исправно“. Тој нагласи дека експериментот пред да се добијат двата здрави мајмуни имаше многу неуспешни обиди, вклучувајќи многу загинати животни,

Поранешниот претседател на Папската академија за живот, кардинал Елио Сгреција е уште повеќе скептичен од својот наследник во врска со вестите од Кина, доведувајќи ги директно во врска со настојувањето да се клонира човек. „Постои многу голема опасност клонирањето на мајмуните да се смета како претпоследен чекор пред клонирање на човек, нешто што Црквата никогаш нема да го одобри – изјави Сгреција.

Слични предупредувања упати и Бруно Далапикола, научник од римската болница Bambino Gesù, истакнувајќи дека сме пред „теоретска можност за клонирање на човек, со сите последици кои произлегуваат од тоа“. Тој потсети дека и во случајот со овцата Доли, која набргу по клонирањето се разболе и умре, наведува на заклучок дека постојат уште некои работи поврзани за клонираната единка, со кои не сме доволно запознати.

Црквата својот негативен став за клонирање на луѓе го истакнува на многу места, помеѓу другото и во документот „Donum Vitae – Дар на животот“ во кој стои: Мора да се сметаат за спротивни на моралот сите обиди или експерименти кои сакаат да добијат човечко суштество без полово соединување по пат на „близначко делење“, клонирање, партеногенеза, бидејќи се спротивни и со достоинството на човечкото раѓање и со достоинството на брачното соединување.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот