Папа Фрањо формира лаичка катехетска служба

Папа Фрањо формира лаичка катехетска служба

„Antiquum ministerium“ е наслов на посебниот Папски документ (Motu proprio), објавен на 11 мај 2021 година, со кој папата Фрањо формира лаичка катехетска служба, дефинирајќи ја како итна потреба за евангелизација во современиот свет.

Соочени со „создавањето на глобализирана култура“, „неопходно е да се препознае присуството на лаиците кои, според своето крштевање, се чувствуваат повикани да соработуваат во катехизацијата. Папата исто така ја истакна важноста за „автентична средба со младите генерации“ и „потребата од креативни методологии и алатки за навестување на Евангелието во согласност со мисионерското послание на Црквата“.

Нова служба, но со древно потекло

Новата служба има многу древно потекло: за почетоците, на пример, за тоа се зборува во Евангелието според Лука и во посланијата на свети Павле до Коринтјаните и Галатјаните. По Вториот ватикански собор, растеше свеста за фактот дека „задачата на катехистот е важна“ и неопходна за „развојот на христијанската заедница“ до таа мера што дури и денес многу „способни и упорни катехисти“ го исполнуваат „незаменливото послание за пренесување и продлабочување на верата“, донесувајќи му ја на светот „убавината, добрината и вистината на христијанската вера“.

Промена на општеството преку христијанските вредности

Без да се одземе нешто од „посланието на епископот, првиот катехист во неговата епархија“ или пак од „личната одговорност на родителите“ за христијанското воспитување на нивните деца, Папата повика на благодарност за лаиците кои соработуваа во служењето при катехизацијата за да се сретнат со „многумина кои чекаат да ја знаат убавината, добрината и вистината на христијанската вера“. Црковните пастири имаат должност да ги препознаваат „лаичките служби кои можат да придонесат за промена на општеството преку христијанските вредности кои проникнуваат во социјалниот, политичкиот и економскиот свет“.

Да се избегне клерикализација

Катехистот е сведок на верата, учител и придружник – објаснува Папата – и е повикан да му се посвети на пасторалното служење за пренесување на верата од првото навестување и подготовката за Светите тајни на христијанската иницијација, до постојаното воспитување. Лаичката служба на катехистот „придава поголемо значење на мисионерската обврска карактеристична за секоја крстена личност“ и треба да се изврши „во потполно лаичка форма, без да падне во некаков израз на клерикализација“, препорачува папата Фрањо.

Посебен институционален обред

Лаичкото служење на катехистите исто така има „вредност на повик“, што бара „соодветно размислување од страна на епископот“ и посебен институционален обред кој Конгрегацијата за богослужби и Свети тајни ќе ги објават наскоро. Во исто време, нагласува папата Фрањо, катехистите мора да бидат мажи и жени „со длабока вера и човечка зрелост“; да земаат активно учество во животот на христијанската заедница; да покажат капацитет за „прифаќање, дарежливост и живот на братско заедништво“; да бидат подготвени од библиска, теолошка, пасторална и педагошка гледна точка; да имаат претходно стекнато искуство во катехизацијата, верно да соработуваат со свештениците и ѓаконите и „да бидат вдахновен со вистински апостолски ентузијазам“.

Покана до Бискупските конференции

На крајот, Папата ги повикува Бискупските конференции „да го направат служењето на катехисти да биде ефективно“ да го одредат процесот на образование и нормативните критериуми неопходни за примање на службата, во согласност со Папскиот документ Motu proprio, кој ќе биде усвоен, „врз основа на црковното право“, исто така и од Источните цркви.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот