Папа Фрањо: Да се биде христијанин е Божји дар, кој не се купува

Папа Фрањо: Да се биде христијанин е Божји дар, кој не се купува

Не е христијански да бараме влијание за да би напредувале во црковната кариера – рече папа Фрањо вчера на Литургијата во Домот на света Марта, потсетувајќи на бесплатниот Божји избор и на повикот кој треба да го чуваме со својата вера.

Да се биде христијанин, свештеник или бискуп е бесплатен Господов дар кој не може да се купи. Светоста е токму во чувањето на тој дар, примен бесплатно и без наши заслуги – рече папа Фрањо во вторни 21 јануари 2020 година на Литургијата во Домот на Света Марта осврнувајќи се на Псалмот 89 и на првото читање од вчерашната Литургија од првата книга за Самуил. Псалмот потсетува на изборот на Давид за крал на Израел откако Господ поради непослушност го отфрлил Саул. Првото читање говори како Господ го испратил Самуил да го помази за крал еден од Јесејевите синови.

Помазанието означува Божји избор, и денес се користи за посветување на свештеници и бискупи – рече Папата и истакна: И ние, христијаните, во крштението сме помазни со масло. Бог го повика Самуил да не гледа на надворешниот изглед зашто „Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа со очите, а Господ гледа што е во срцето”. Давидовите браќа се бореле против Филистејците, имале заслуги, но Господ го избрал најслабиот меѓу нив. Немирното момче, кој, кога можел, одел да гледа како се борат браќата против Филистејците, но секогаш го враќале да го пасе стадото.

Значи, го повикале Давид кој бил румен, со убави очи и убав изглед. Господ му рекол на Самуил да го помаза и затоа „Духот Господов го обзеде Давид од тој ден” – цитираше Светиот Отец и напомена: Тоа е настан кој нѐ тера на размислување, поттикнувајќи нѐ да се запрашаме зошто Господ го избрал тоа немирно момче кој правел непријатности како сите други, кој не бил побожен, не молел секој ден, а имал седум браќа кои го заслужиле тоа повеќе од него.

Но сепак, избран е најмалиот, најограничениот, кој немал титули, ништо немал и не се борел во војната – рече Папата Фрањо и додаде: Тоа ни го покажува бесплатниот Божји избор. Кога Бог избира, ја покажува својата слобода и бесплатност. Да помислиме на сите нас кои сме овде. Како тоа Бог нас нѐ избрал? Не затоа што сме од христијански семејства или затоа што припаѓаме на христијанската култура. Многумина од христијански семејства и култура го отфрлуваат Господ и не го сакаат. Но како тоа ние да сме овде, избрани од Господ?

Господ нѐ избра бесплатно и без никакви заслуги – рече Папата и продолжи: Ништо не сме платиле за да станеме свештеници и бискупи, барем така мислам, зарем не? Имено, ги има и оние кои сакаат да напредуваат во таканаречената црковна кариера и кои се однесуваат во согласност со симонијата, бараат влијание за да станат некој и нешто. Тоа се кариеристи, тоа не е христијански. Да се биде христијанин, да се биде крстен, да се биде ракоположен за свештеник и бискуп, е чиста бесплатност. Господовите дарови не се купуваат.

Помазувањето со Светиот Дух е бесплатно – рече Светиот Отец и додаде: Да се биде свет и христијанската светост значи да се чува дарот и ништо повеќе, однесувајќи се така што Господ секогаш да биде оној кој дава дар, не препишувајќи си на себе никакви заслуги. Во секојдневниот живот, во компанијата и на работата, за да добиеме поголемо место, често бараме туѓи препораки. Тоа не е дар, тоа е кариеризам. Да се биде христијани, свештеници и бискупи е само дар. И само на тој начин се разбира нашето понизно однесување кое мораме да го имаме; без никакви заслуги.

Мораме само да го чуваме тој дар за да не се изгуби – рече Папата Фрањо и објасни: Сите сме помазани со Господовиот избор. Мораме да го чуваме тоа помазание со кое сме станале христијани, свештеници,  бискупи. Тоа е светост. Други работи не се потребни. Тоа е понизност во чувањето. Тоа е дар. Најголем Божји дар е Светиот Дух! Кога Господ нас нѐ избрал, ни го дал Светиот Дух! Тоа е чиста милост, без наши заслуги.

Ако ние, христијаните, го заборавиме Божјиот народ, па и неверничкиот народ, ако ние, свештениците, заборавиме на своето стадо, ако ние, бискупите, тоа го заборавиме и се почуствуваме поважни од другите, го отфрлуваме Божјиот дар. Тоа е како да му кажеме на Светиот Дух: Оди, оди мирно во Пресветото Тројство, одмори се, а јас сам ќе се снајдам. Тоа не е христијански. Тоа не е чување на дарот. Да го молиме денес Господ, мислејќи на Давид, да ни даде милост за заблагодарување за дарот кој ни го дал, да бидеме свесни на тој голем и убав дар, и тој бесплатен дар го чуваме со својата вера – заклучи Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот