Папа: Сите сме одговорни за животот на ближниот, Бог од нас ќе бара сметка

Папа: Сите сме одговорни за животот на ближниот, Бог од нас ќе бара сметка

Папата Фрањо во Ватикан се сретна со бегалците кои неодамна од островот Лезбос дојдоа во Рим, обраќајќи им се забележа дека поради неправда многу мигранти се присилени да ја напуштат својата земја и поради неправда исто така се одбиени и препуштени на смрт во морето

Крстот и појасот за спасување, кои се симболи на страдањата, поставени во ватиканскиот двор Белведере, беа во центарот на говорот што папата Фрањо на 19 декември 2019 година го упати на бегалците кои неодамна со хуманитарен коридор дојдоа во Рим од грчкиот остров Лезбос. Појасот што го донесе група спасувачи, припаѓаше на еден мигрант кој загинал во морето во јули. Крстот – како што забележа Папата – е проѕирен и нè поттикнува да го гледаме со големо внимание и секогаш да ја бараме вистината, а исто така е и светлест, бидејќи сака да ја поттикне нашата вера во Воскресението.

Неправдата на бегалците остава смрт во морето

Светиот Отец понатаму објасни дека појасот за спасување и крстот нè потсетуваат дека мораме да ги држиме отворени очите и срцето и дека не смееме да останеме рамнодушни кон смртта која е предизвикана од неправда. Неправдата многу мигранти ги присилува да ја напуштат својата земја – предупреди Папата и додаде: Неправдата ги присилува да преминат пустини и да трпат злоупотреба и мачење во центрите за притвор. Неправдата ги отфрла и ги остава да умрат на морето.

Папата исто така истакна дека спасувањето на човечки живот е морална должност која ги соединува оние кои веруваат и оние кои не веруваат. Како не можеме да го слушнеме очајничкиот плач на браќата и сестрите кои попрво би се соочиле со бурното море, отколку полека да умрат во либиските логори, кои се места на мачење и срамно ропство. Како можеме да останеме рамнодушни кон злоупотребите и насилството на невините жртви, оставајќи ги на милоста на немилосрдните трговци. Како можеме да ги заобиколиме како свештеникот и левитот од параболата за милосрдниот Самарјанин, со што стануваат одговорни за нивната смрт. Нашата млитавост е грев! – предупреди Светиот Отец.

Блокирањето на бродовите не го решава проблемот

Му благодарам на Господ за сите оние кои одлучија да не останат рамнодушни и да направат сè што можат за да му помогнат на несреќниот човек на патот за Ерихон, не поставувајќи премногу прашања за тоа како или зошто полумртвиот сиромашен човек завршил на патот – сликовито се изрази Папата Фрањо, истакнувајќи дека проблемот со миграцијата не се решава со блокирање на нивните бродови.

Потребно е да се вложат сериозни напори за да се испразнат логорите во Либија, проценувајќи и спроведувајќи ги сите можни решенија. Треба да се пријават и судски да се гонат трговците со луѓе кои ги искористуваат и злоставуваат мигрантите, без страв од откривање на учество и соучесништво на институциите. Економските интереси мора да се фокусираат на личноста, на секоја личност чиј живот и достоинство се скапоцени во Божјите очи. Треба да се помогне и да се спасува затоа што сите ние сме одговорни за животот на ближниот, а Господ од нас за тоа ќе побара сметка во моментот на суд – рече на крајот папата Фрањо поканувајќи ги сите на молитва во тишина, повикувајќи го врз нив Божјиот благослов.

Група од 33 мигранти од островот Лезбос

Да се потсетиме дека неодамна, благодарение на хуманитарниот коридор, придружувани од Папскиот делител на милостина, кардинал Конрад Крајевски, и Заедницата на Свети Егидиј, од островот Лезбос во Рим стигнаа 33 мигранти. Меѓу нив има 14 малолетни лица и десетина христијани. Повеќе од 14.000 мигранти во моментот се сместени во кампот за бегалци Морија на островот Лезбос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот