Папа до уличните весници: Ви благодарам за вашите приказни на надеж

Папа до уличните весници: Ви благодарам за вашите приказни на надеж

Да се сврти погледот на најсиромашните овие денови може да ни помогне да станеме свесни на она што навистина ни се случува и која е нашата вистинска состојба – стои во писмото на папата Фрањо до уличните весници, публикации кои во многу земји во светот ги дистрибуираат волонтери, емигранти, бездомници, а кои овие денови поради пандемијата се наоѓаат во тешкотии.

Папата Фрањо изминатите денови упати писмо кое го посвети на уличните весници, односно на разни публикации кои низ светот ги уредуваат и ги дистрибуираат бездомниците, емигрантите и волонтерите. Не е тоа едноставен лист хартија, туку знак на повторно пронајдено достоинство и искупување добиено благодарејќи на работата кои тие лица веќе не ги прави невидливи. Обраќајќи им се на нив, Светиот Отец ги нарече извонредни и ги охрабри да ја продолжат својата работа и покрај тешкотиите кои се предизвикани со пандемијата.

Папата помеѓу останатото, забележа дека во светот, кој веќе се соочува со толку тешки предизвици, пандемијата го промени и ги стави во искушение животот на милиони луѓе. Сепак, на најголемиот ризик се изложени најранливите личности, помеѓу кои се и бездомниците. Поздравувајќи ги сите кои се дел од светот на уличните весници, Светиот Отец потсети дека воглавно станува збор за бездомници, крајно маргинализирани и невработени, односно за илјадниците луѓе низ светот кои преживуваат и имаат работа благодарејќи на продавањето на тие публикации.

Тој свет го сочинуваат повеќе од 100 улични весници кои во 35 земји се објавуваат на 25 различни јазици – објасни Папата – а од нив проходи имаат повеќе од 20.500 бездомници. Се осврна притоа на примерот на весникот кој е дел на проектот на Италијанскиот Каритас и благодарение на што повеќе од 130 луѓе во тешкотии имаат приходи, а со нив и пристап на основните граѓански права.

Уличните весници веќе неколку недели не се продаваат и нивните продавачи немаат работа – истакна Светиот Отец и додаде: Затоа сакам да ја изразам својата близина на новинарите, волонтерите, на луѓето кои живеат од тие проекти и на оние кои во ова време великодушно се даруваат со многу иновативни идеи.

Пандемијата ви ја отежна работата, но сигурен сум дека големата мрежа на уличните весници во светот ќе се врати посилна од порано. Да се сврти погледот на најсиромашните може овие денови да ни помогне да станеме свесни на тоа што вистински ни се случува и која е нашата вистинска состојба – порача папата Фрањо, охрабрувајќи ги и гарантирајќи им го своето братско пријателство и заврши: Благодарам за работата која ја работите, информациите кои ги давате и за приказните на надежта кои ги пренесувате.

Да спомнеме на крајот дека Светиот Отец од почеток на својот понтификат даде три интервјуа за уличните весници. Во октомври 2015 година одговараше на прашањата на холандскиот весник „Straatnieuws”, при што се осврна на детството во Аргентина  и на секојдневниот живот во Ватикан. Истата година локалниот весник од сиромашна област на периферијата на Буенос Аирес ги објави одговорите на прашањата кои на Папата преку својот парох ги поставиле нејзините бројни жители. Во февруари 2017 година, пред пасторалната посета на Милано, беше објавено интервју за весникот на Италијанскиот Каритас, во кој Папата се фокусираше на прашањата на прифаќањето, интеграцијата и солидарноста меѓу сиромашните.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот