Папа: Да се молиме заедно како браќа Бог да нè ослободи од сите пандемии

 Папа: Да се молиме заедно како браќа Бог да нè  ослободи од сите пандемии

На Литургијата во Домот „Света Марта“ на 14 мај 2020 година папата Фрањо потсети на Денот за молитва до Господ за завршеток на пандемијата од коронавирусот, кој го поттикна Високиот одбор за човечко братство. Во проповедта потсети дека има други пандемии во кои починале милиони луѓе, како што се пандемијата на глад и војна, и пандемија на деца кои немаат пристап на образование, и ги поттикна сите луѓе да го молат Бог да нè благослови и да ни се смилува.

На празникот на Свети Матеј апостол, папа Фрањо на почеток на Литургијата во Домот „Света Марта“ на 14 мај 2020 година потсети дека денес е и Ден на молитва, пост и милосрдни дела, кој го поттикна Високиот одбор за човечко братство, и ги охрабри сите да се обединат како браќа и заедно да го молат Бога да нè ослободи од злото на пандемијата. Високиот одбор за човечко братство одреди денешниот ден да биде ден на молитва и пост, за да измолиме од Бога милосрдие и смилување во овој трагичен момент на пандемија– рече Папата и додаде: Сите сме браќа. Свети Фрањо Асишки говорел: „Сите сме браќа“. Поради тоа денес сите мажи и жени од сите вероисповеди се соединуваме во молитва и покора, за да молиме за милост на оздравување од оваа пандемија.

Во проповедта Папата се осврна на делот од Книгата на пророкот Јона, во кој пророкот го повикува народот на Ниневија да се преобратат за да се спаси градот од уништување. Народот се преобрати и градот беше спасен од пандемијата, можеби некоја морална пандемија – напомена Светиот Отец и истакна: Денес, сите ние, браќа и сестри на сите верски традиции да се молиме за завршеток на пандемијата, соединети во братство кое нè поврзува во овој момент на жалост и трагедија.

Не сме ја очекувале таа пандемија; многу луѓе умираат, умираат сами, беспомошни. Да мислиме на оние кои страдаат; да мислиме на таа трагедија и на економските последици, на последиците во образованието, на тоа што ќе дојде подоцна – поттикна Папата. Поради тоа денес сите, браќа и сестри од сите вероисповеди, да го молиме Бога. Некој можеби ќе рече дека тоа е религиски релативизам. Но, не е така. Секој го моли Бога онака како што знае, како може  според својата култура.

Не се молиме едни против други, една верска традиција против друга – објасни Папата. Сите сме соединети како луѓе, како браќа, молејќи го Бога според својата култура, традиција, сопствени верувања, но како браќа, молејќи прошка од Бога за нашите гревови за да ни се смилува Господ, да ни прости и да ја запре оваа пандемија. Денес е ден на братство, гледајќи го единствениот Отец, како браќа. Денес е ден на молитва.

Пандемијата дојде како ненадеен обилен дожд. Но, има уште многу други пандемии поради кои умираат луѓето, а ние тоа дури и не го забележуваме, гледаме на друга страна. По малку сме рамнодушни кон другите трагедии кои се случуваат во светот – рече Папата и наведе податоци кои не говорат за пандемијата на коронавирусот. Во првите четири месеци од оваа година од глад починаа скоро 4 милиони луѓе. Тоа е пандемија на глад – истакна Папата. Денешната молитва Господ да ја запре оваа пандемија би требало да нè поттикне да мислиме на бројни други пандемии во светот: на пандемија на војни, глад и други.

Меѓутоа, важно е денес да се молиме заедно, секој според својата традиција, и да живееме ден на покора и пост, и милосрдни дела, помош за другите. Тоа е важно – истакна Папата и повторно ја спомна Книгата на пророкот Јона. Кога Господ виде како реагираше народот на Ниневија, како се преобрати, го запре она што сакаше да го стори. Нека Бог ја запре оваа трагедија, оваа пандемија. Нека ни се смилува и да ги запре и другите пандемии: пандемија на глад, војна, пандемија на деца без образование. Тоа да го молиме како браќа, сите заедно. Нека сите Бог нè благослови и нека ни се смилува – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот