Папата: Ќе значи многу малку ако веруваме дека Исус е Цар на вселената, а не го направиме Господ на нашите животи

Папата: Ќе значи многу малку ако веруваме дека Исус е Цар на вселената, а не го направиме Господ на нашите животи

На празникот Христос Цар на сите созданија папата Фрањо служеше света Литургија со која службено ја затвори Годината на милосрдието. Во проповедта Папата се осврна на тоа какво е Исусовото царство.

Укажа на парадоксот: изгледа дека Исус нема моќ ниту слава; на крстот е и не изгледа како да владее, туку дека е надвладеан. Но – рече Папата – Исусовото царство не е од овој свет, неговото царство не го одредува моќта како што тоа важи за царствата од овој свет, туку го дефинира Божјата љубов, љубовта способна да среќава и да ги исцелува сите работи.

Христос се понизува – рече Папата – се спушти до нас од љубов кон нас и ја живее човечката беда, претрпува неправда, предавство, напуштеност; ја вкусува смртта, гробот, пеколот. Нашиот Цар нѐ не проколна, ниту не освои, ниту ја отфрли нашата слобода, туку отвори пат со понизна љубов која сѐ простува, на сѐ се надева, сѐ претрпува (1Кор 13, 7). Само таа љубов ги надминала и продолжува да го надминува нашите најлоши непријатели: гревот, смртта, стравот. Потсети дека денес ја славиме единствената победа со која Исус стана Цар и Господар на историјата, а неговото владеење со љубов го преобразува гревот во милост, смртта во воскресение, стравот во доверба.

Сепак – папата Фрањо предупредува – тоа ќе значи многу малку ако веруваме дека Исус е Цар на вселената, а не го направиме Господ на нашите животи: сето тоа е празно ако Исуса не го прифатиме лично и ако не го прифатиме неговиот начин на царување. Тоа да го сфатиме ни помагаат ликовите од денешното Евангелие: народот кој се држи подалеку, оние кои се блиску до крстот и разбојникот до Исуса.

Народот стоел таму и гледал – рече Светиот Отец – сите молчат, никој не се приближува. Луѓето се на оддалеченост, набљудуваат што се случува. Тие се оние истите кои го барале кога нешто им било потребно, а сега стојат понастрана. Со оглед на околностите на нашите животи и ние можеме да имаме искушение да се држиме понатаму од Исусовото царство, не прифаќајќи го во целост скандалот на понизната љубов која нѐ вознемирува. Но народот кој е свет, чиј цар е Исус, е повикан да го следи неговиот пат на видлива љубов; повикани сме секојдневно да се прашуваме: „Што бара од мене љубовта? Кој одговор му го давам на Исус со својот живот?

Втората група луѓе – водачите на народот, војниците и еден од разбојниците – му се потсмеваат на Исус. Тие го провоцираат – рече Папата – му говорат да се спаси сам. Го искушуваат Исус како што тоа го правеше ѓаволот на почетокот на Евангелието (Лк 4, 1-13): не сака да владее во согласност со Божјата волја, туку според стандардите на овој свет односно да слегне од крстот и да ги уништи своите непријатели. Ако е Бог нека ја покаже својата моќ! Станува збор за напад на љубовта: спаси се себе, а не другите. Исусовиот одговор е тишината. Тој продолжува да љуби; простува, доживува момент на искушение кон волјата на Отецот уверен дека љубовта ќе вроди плод.

За да го примиме Исусовото царство повикани сме да се бориме против овие искушенија, да го насочиме погледот на Распнатиот и да станеме верни на Исус. Колку често настојуваме да се прилагодиме на сигурностите кои овој свет ги нуди. Колку често сме искушувани да се спуштиме од крстот. Привлечноста на моќта и успехот изгледаат како лесен, брз начин за ширење на Евангелието; брзо забораваме како Царството Божјо функционира. Оваа година на милосрдието ни помогна да ја откриеме сржта. Времето на милосрдието нѐ повикува да го погледнеме вистинското лице на нашиот Цар, лицето кое блеска на Воскресението и да го откриеме младото, прекрасно лице на Црквата, чие лице зрачи кога прифаќа; кога е слободно, верно; кога е сиромашна во средствата, а богата во љубовта. Милосрдието кое нѐ води во срцето на Евангелието, нѐ натерува да ги отфрлиме навиките и праксата кои се пречка за служење на Царството Божјо.

Се појавува и трета личност – истакнува папата Фрањо – разбојникот кој му вели на Исус: Сети се на мене кога ќе дојде во Твоето Царство. Таа личност не била затворена во себе, туку со своите грешки, гревови и неволји се свртува на Исус. Го замолува да се сети и го вкусува Божјото милосрдие: Вистина ти велам уште денес ќе бидеш со мене во рајот. Штом на Бог ќе му дадеме шанса, тој се сеќава на нас. Подготвен е целосно и засекогаш да го избрише нашиот грев, затоа што неговото сеќавање не го памти направеното зло, ниту ја забележува претпрпената неправда. Бог не се сеќава на гревовите, туку само на нас, на секој од нас, кои сме негови љубени деца. И верува дека секогаш е можно да се започне од ново – рече Папата и продолжи:

Да го молиме Бог за милост никогаш да не ја затвориме вратата на помирувањето и простувањето, туку да спознаеме како да се оди над злото и разликите, отворајќи го секој можен пат за надеж. И како што Бог верува во нас, така и ние сме повикани да влеваме надеж во другите и да им пружиме прилика. Бидејќи иако Вратата на милосрдието се затвора вистинската врата на милосрдието која е срцето Христово секогаш останува ширум отворена за нас. Од прободеното ребро на Воскреснатиот сѐ до крајот на времињата тече милосрдие, утеха и надеж – рече Светиот Отец и на крајот од проповедта порача:

Многумина ја почувствувале Божјата голема добрина и на тоа сме благодарни додека се присетуваме дека сме примиле милосрдие за да бидеме милосрдни за да станеме оружје на милосрдието. Да одиме по тој пат заедно.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот