Папата ќе ги посвети Русија и Украина на Безгрешното срце на Марија

Папата ќе ги посвети Русија и Украина на Безгрешното срце на Марија

Папата Фрањо ќе ги посвети Русија и Украина на Безгрешното срце на Марија. Во истиот ден Папскиот пратеник кардинал Крајевски ќе го направи истото во Фатима.

Во петок, на 25 март, за време на обредот покајание, кој ќе го предводи во 17.00 часот во базиликата Свети Петар, папата Фрањо ќе ги посвети Русија и Украина на Bезгрешното срце на Марија. Во истиот ден Папскиот пратеник кардинал Крајевски ќе го направи истото во Фатима – соопшти директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, Матео Бруни. За таа посвета избран е празникот Благовештение.

Објавувајќи се во Фатима на 13 јули 1917 година, Богородица повика на посветување на Русија на нејзиното Bезгрешно срце, велејќи дека ако ова барање не биде прифатено, Русија ќе ги прошири своите погрешки низ светот, промовирајќи војни и прогонства на Црквата. Добрите – додаде таа – ќе бидат ставени на маки, Светиот Отец многу ќе страда, разни народи ќе бидат уништени.

По објавувањата во Фатима, чинот на посветување на Bезгрешното срце на Марија бил извршен неколку пати. Пиј XII го посветил целиот свет на 31 октомври 1942 година, а на 7 јули 1952 година народите на Русија ги посветил на Безгрешното срце на Марија во апостолското писмо Sacro vergente anno. Како што го посветивме пред некоја година целиот свет на Безгрешното срце на Богородица, така сега, на најпосебен начин, ги посветуваме сите народи на Русија на истото Безгрешно срце“.

Павле VI на 21 ноември 1964 година, го обнови посветувањето на Русија на Безгрешно срце, во присуство на отците на Вториот ватикански собор. Папата Иван Павле II состави молитва за она што тој го нарече: „Чин на доверба“, кој се славеше во базиликата Света Марија Велика на 7 јуни 1981 година, на празникот Педесетница.

Потоа, за поцелосно да одговори на барањата на Богородица, тој посака во Светата Година на откупението јасно да се манифестира чинот на доверба од 7 јуни 1981 година, повторен во Фатима на 13 мај 1982 година. Во спомен на Fiat што го кажа Марија во моментот на Благовештението, Иван Павле II. на 25 март 1984 година на плоштадот Свети Петар ги посвети сите народи на Безгрешното срце на Марија.

Во јуни 2000 година, Светиот Престол го откри третиот дел од фатимската тајна, а тогашниот надбискуп Тарчисио Бертоне, секретар на Конгрегацијата за доктрина на верата, истакна дека сестра Лусија лично потврдила во писмо од 1989 година дека таков свечен и општ чин на посветување одговара на она што го посакуваше Богородица. Да, направено е како што побара Богородица, на 25 март 1984 година – потврди сестра Луција.

Ватикан њуз/к.мк

 

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот