Папата ја посети римската парохија Пресвето срце

Довербата во Исус, во Оној Кој никогаш не изневерува и Кој дојде за да ги земе гревовите на светот – е клучна мисла од проповедта на папата Фрањо, одржана на 19 јануари, за време на посетата на римската парохија Пресвето Срце. Парохијата се наоѓа покрај главната римска железничка станица Термини, а ја водат оците Салезијанци. Скоро четири часа семејно расположение, одбележени со многубројни важни моменти, како што е средбата со бегалците, бездомниците, децата, младите брачни парови и монашката заедница.

Во својата проповед, Светиот Отец говореше за делот од неделното свето Евангелие кој говори за сведоштвото на Иван Крстител: „Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз себе“! Како едно јагне, во својата слабост, може да ги земе гревовите и целото зло на светот? Со благоста и со љубовта – беше одговорот на Папата. Меѓутоа, Исус, така слаб, како јагне – додаде Светиот Отец – имаше сила да ги земе врз себе сите наши гревови. (…) Често, кога ќе ја погледнете својата совест, пронаоѓаме и некои големи гревови, меѓутоа Тој ги носи сите! – истакна папата Фрањо.

Исус опростува сè, го искоренува гревот. Иван Крстител го повикува секој човек да расте во довербата кон Исус. Довербата во Исус – објасни Папата – е клуч на успехот во животот. Тоа е предизвик во кој треба да се впуштиме: да имаме доверба во Него. А Тој никого не разочарува – истакна Светиот Отец, па ги повика верниците, кои целосно ја наполнија црквата, во мислите да „го пресретнат“ Исус на бреговите на Јордан, таму каде пред две илјади години го сретна Иван.

Ве повикувам да ги затворите очите да ја замислиме таа сцена, таму, на бреговите на реката, каде Иван крштева, а Исус оттаму доаѓа. И го слушаме Ивановиот глас: „Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз себе“! Да го погледнеме Исус, и секој од нас, во тишина, нека му каже нешто на Исус, од срцето. Господ Исус, Кој е благ, добар, Кој е јагне, Кој дојде за да ги земе гревовите, нека нè прати во нашиот живот – рече Папата.

Парохијата Пресвето Срце во римскиот кварт Кастро Преторијо, е четврта парохија која ја посети папата Фрањо, а прва во центарот на Рим. Доверена е на Салезијанците, кои во неа го водат и Делото кое го основа дон Боско, во стварноста која е навистина „периферија на животот“. Кога Светиот Отец пристигна во парохијата врнеше дожд, кој тој го нарече „благослов“, и најпрво се сретна со околу 60 бездомници, а после тоа со стотина бегалци. Потоа се сретна со новокрстените деца и неодамна венчаните брачни парови.

Папата повика на учество во материјалните и духовни потреби, и тоа исто така помеѓу лицата од различни религии, бидејќи – како што рече Папата – Бог е само еден, и секогаш ист. Особено духовно силен беше моментот кога Папата исповеда пет лица. Песните на шпански јазик, јужноамериканскиот чај „мате“ кој го подготви монашката заедница, како и иконата на Богородица од Лујан, заштитница на Аргентина, беа знаци на топлина и наклонетост на парохјаните спрема Светиот Отец, кој рече дека се чувствува како дома, во семејство. Меѓу вас се чувствувам како дома, бидејќи човек може да отиде во посета и да наиде на голема префинетост и протокол, меѓутоа недостасува топлина. Меѓу вас наидов на топлина од прифаќање, како во семејство – рече Светиот Отец благодарејќи им за тоа.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот