Папата: Ѓаволот влегува преку џебовите

Папата: Ѓаволот влегува преку џебовите

Секое богатство за да биде добро мора да ја има социјалната димензија.

Целта на нашиот живот не е да се „поседува “ туку да се „љуби“ – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција која ја одржа на плоштадот Свети Петар, на 7 ноември 2018 година, продолжувајќи со серијата катехези за Десетте Божји заповеди, а посебно се осврна на седмата Божја заповед „Не кради.“ Поаѓајќи од Првото послание на свети Павле до Тимотеј, Папата размислуваше за поопширниот текст на тоа читање во светлината на христијанската мудрост и нејзиното позитивно значење кое води кон тоа да правиме добро, колку што е тоа возможно со она што го поседуваме, на тој начин нашите добра да станат дар за сите.

Таа заповед нè поттикнува да размислуваме за кражбата и почитувањето на туѓиот имот затоа што не постои култура во која кражбата и злоупотребата на добрата се дозволени – рече Светиот Отец и нагласи: Луѓето се многу чувствителни на заштитата на приватната сопственост. Социјалната наука на Црквата говори за универзалната намена на добрата кои Бог ги довери на човештвото на заедничко управување. Меѓутоа Божјата Провидност предвидела свет во кој постојат разлики, различни услови, различни култури за да можеме да живееме грижејќи се едни за други.

Светот изобилува со природни богатства за да може на сите им ги обезбеди основните добра – рече папата Фрањо и нагласи: Сепак многумина живеат во скандалозна беда, а состојбата на природните богатства кои се користат без критериуми се влошува. Но, светот е само еден! Човештвото е само едно! Богатството на светот денес е во рацете на малцинството и малобројните, а сиромаштвото го трпи мнозинството. Ако на светот постои глад, тоа не е затоа што недостасува храна! Всушност заради потребите на пазарот храната понекогаш се уништува и фрла. Недостасува слободно и долгорочно претприемништво кое ќе обезбеди соодветно производство и солидарност кои ќе гарантираат праведна распределба.

Катехизмот на Католичката Црква толкува дека сопственоста на некое добро го прави оној кој го поседува управител на Провидноста – потсети Папата и напомена: Никој не е апсолутен господар на добрата. Секое богатството, за да биде добро мора да ја има социјалната димензија. Поседувањето е одговорност. Секое добро кое е одвоено од логиката на Божјата Провидност е предавство во најдлабоката смисла на зборот. Она што го поседуваме е она што знаеме да го даруваме. Тоа е мерка за вреднување како го поседуваме богатството, го поседуваме добро или лошо.

Ако можеме да даруваме, отворени сме, богати сме не само со она што го поседуваме, туку со великодушност – рече Светиот Отец и додаде: Великодушноста е обврска за сите да учествуваат во тоа богатство. Имено, ако не успеваме нешто да даруваме тоа е затоа што тоа нас нè поседува и нè прави робови. Поседувањето е прилика за добрата креативно да ги умножуваме и великодушно да ги користиме за да растеме во љубовта и слободата. Самиот Христос иако Бог одзема сè од себе, нè збогати со своето сиромаштво.

Додека човештвото се бори за да има повеќе, Бог го откупува станувајќи сиромашен – рече папата Фрањо и истакна: Тој Распнат Човек плати за сите непроценлив откуп од страна на Бог Отецот, кој е „богат со милосрдие“. Она што нè прави богати не се добрата, туку љубовта. Многу пати сме го слушнале она што Божјиот народ го вели: „Ѓаволот влегува преку џебовите.“ Прво доаѓаат парите, љубовта заради парите, гладот за поседување; потоа суетата. Богати сме и се гордееме со тоа. На крајот доаѓа горделивоста. Така ѓаволот делува во нас. Влезната врата се џебовите.

„Не кради“ значи љуби ги своите добра, искористи ги своите средства за да љубиш. Тогаш вашиот живот ќе стане добар и вашите добра навистина ќе се дар. Животот не е време за поседување, туку за љубов – заврши Папата.

По катехезата обраќајќи се на ходочасниците на различни јазици, Светиот Отец ги поздрави сите присутни и потсети дека идната недела се одбележува 100 годишнината од незавиноста на Полска и му посака на полскиот народ да го живее дарот на слободата во мир и напредок, градејќи среќна иднина во единството засновано на духовното наследство на предците и на братската љубов. На крајот го спомна празникот за посветувањето на Латеранската базилика, катедралата на Римскиот епископ и ги поттикна ходочасниците да се молат за него за да може верниците да ги утврдува во верата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот