Папата: Чувајте го минатото за да ја зачувате иднината

Папата: Чувајте го минатото за да ја зачувате иднината

На стадионот Комонвелт во Едмонтон, во понеделник 26 јули 2022 година, папата Фрањо служеше света Литургија пред околу 50.000 луѓе, на празникот на светите Јоаким и Ана, потсетувајќи за важноста на бабите и дедовците, „корените“ на историјата кои мора да се градат заедно меѓу генерациите, иднина во која никому нема да се повтори историјата на насилство и маргинализација што ја претрпеа нашите домородни браќа и сестри.

Сите сме деца на историјата што треба да се чува, но и творци на историјата што треба да се гради – ова е пораката на папата Фрањо, која ја упати на околу 50.000 верници присутни на стадионот Комонвелт во Едмонтон, каде служеше Света Литургија на празникот Свети Јоаким и Ана.

Верата се пренесува преку дијалектот на бабите и дедовците

Римскиот бискуп охрабрува да се сеќаваме на оние кои ни претходеа: нашите баби и дедовци кои нè научија на добрина, нежност и мудрост, во чиј дом го вдишувавме мирисот на евангелието, силата на верата која го има вкусот на домот затоа што – повтори уште еднаш – верата се пренесува на дијалект, преку љубов и охрабрување, грижа и близина.

Чувари на историјата

Од нашите баби и дедовци учиме љубов која никогаш не е присилна, никогаш не лишува некој друг од неговата внатрешна слобода. Да се обидеме да го научиме ова како поединци и како Црква: никогаш не треба совеста на другите да ја подложуваме под притисок, никогаш да не ја ограничуваме слободата на оние кои се пред нас и, пред сè, никогаш да не ја скратиме љубовта и почитта кон личностите што ни претходеа и кои ни беа доверени, тие се скапоцени богатства кои чуваат историја поголема од себе.

Библија и Бројаница на бабите и дедовците

Затоа папата Фрањо охрабри никогаш да не го изгубиме сеќавањето и историјата од каде доаѓаат нашите животи, да разговараме со нашите постари, да им посветуваме време и да се запрашаме пред одлуките што треба да ги донесеме денес што би направиле тие кога би биле на наше место.

Во нашите куќи, кои се сè поопремени, модерни и функционални, знаеме ли да најдеме достојно место за чување на нивните спомени, посебно место, мало семејно светилиште кое преку слики и драги предмети ни овозможува и да испраќаме мисли и молитви до оние кои ни претходеа? – праша Папата и додаде: Дали ја зачувавме Библијата и Бројаницата на нашите предци?

Генерирајте живот

Поаѓајќи од сеќавањето на оние кои ни претходеа, Папата ги поттикна сите да бидат генеративни. Животот често се мери врз основа на заработените пари – истакна тој – врз основа на остварената кариера, успехот и угледот што ги имаме кај другите. Но, вистинското прашање е дали јас генерирам живот? Постарите луѓе кои сонуваа, се надеваа и се жртвуваа за нас, нѐ прашуваат: какво општество сакате да изградите?

Што сакаме да оставиме во наследство на нашите потомци? Жива вера или „гола вода“, општество засновано на профитот на поединци или на братство, свет во мир или војна, целото создание уништено или дом кој сè уште е удобен?

„Не“ за културата на заостанатост

Никогаш не запаѓајте во карикатурата на традицијата која води кон култура на „заостанатост“, која сегашноста ја врамува во логиката „отсекогаш така се правело“ – предупреди Папата. Господ не сака да бидеме само критичари на системот, не сака да бидеме затворени и „заостанати“, туку творци на нова историја, ткајачи на надежта, градители на иднината, миротворци.

Оган кој треба да се оживее

Неопходно е да го оживееме пламенот што го запалија оние што ни претходеа. Не се работи за чување на пепелта, туку за оживување на огнот што го запалија. Нашите баби и дедовци и нашите стари сакаа да видат поправеден, побратски и солидарен свет и се бореа да ни дадат иднина. Сега на нас е да не ги изневериме. Наше е да се грижиме за традицијата што ја примивме, затоа што традицијата е живата вера на нашите починати – рече Папата и охрабри да не ја претвораме во традиционализам, што е мртва вера на живите.

Да сонуваме заедно

Затоа Папата од стадионот Коменвелт охрабри заедно да одиме напред. Поттикна заедно да сонуваме за иднината во која постарите веќе нема да бидат отфрлени, во која вредноста на една личност нема да се оценува само според она што го произведува; кои нема да бидат рамнодушни кон постарите на кои им треба повеќе време и внимание; иднина во која историјата на насилство и маргинализација што ја претрпеа нашите домородни браќа и сестри нема да се повтори за никого. Овој сон е возможен со Божја помош, ако не ја прекинеме врската со оние кои ни претходеа и ако негуваме дијалог со оние кои ќе дојдат по нас – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот