Папата: Црквата ги прегрнува оние што се изгубени

Пред молитвата Ангел Господов, Папата се осврна на средбата на Исус со Закхеј, за која ни зборува Евангелието од неделната Литургија и истакна дека христијаните не можат да гледаат на себе или на другите, ако згрешиле, одозгора, поглед кој суди, презира и исклучува, бидејќи Божјиот поглед не застанува на грешките од нашето минато, туку гледа со милост кон неговото создание за да го спаси.

Погледот на христијаните и на Црквата треба секогаш да прифаќа одоздола и со сочувство да ги бара оние што се изгубени, како Исус со Закхеј, а тоа не може да биде поглед одозгора, кој суди, презира и исклучува. Погледот што понекогаш го свртуваме кон себе, кога се чувствуваме несоодветни и безволни, и кога, напротив, не бараме да го сретнеме Исус кој со бескрајна доверба гледа во тоа што можеме да станеме. Да ја молиме Марија да ни даде дар на нов поглед за себе и за другите – повика папата Фрањо во своето пладневна обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела 30 октомври 2022 година, пред околу 35.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар, коментирајќи го Евангелието од неделната Литургија кое зборува за средбата на Исус и началникот на цариниците Закхеј во градот Ерихон.

Светиот Отец истакна дека во центарот на настанот од Евангелието според Лука е зборот „барање“. Закхеј „сакал да види кој е Исус“ и Исус, откако го сретнал, вели: „Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното!“. Па така, – според зборовите на Папата – постојат два погледа кои се бараат еден со друг: Погледот на Захеј што го бара Исус и погледот на Исус што го бара Закхеј. Анализирајќи го првиот поглед, Папата потсети дека Закхеј бил цариник, односно еден од оние Евреи кои собирале даноци во име на римските владетели и ја злоупотребувале таа позиција. Затоа бил богат, сите го мразеле и го истакнувале како грешник.

Лука пишува дека бил со низок раст, а со тоа – објасни Папата – можеби алудира на неговата внатрешна нискост, а не на неговиот просечен, нечесен живот како човек кој секогаш гледа надолу. Сепак, Закхеј сака да го види Исуса, а за да го направи тоа „се качува на една смоква за да го види затоа што морал да помине оттаму“, бидејќи во својата скромност чувствува потреба да побара друг поглед, погледот на Христос.

Уште не го познава, но чека некој да го ослободи од состојбата, да го извлече од мочуриштето во кое се наоѓа. Ова е важно: Закхеј нè учи дека во животот никогаш не е изгубено сè. Секогаш можеме да направиме простор за желбата да започнеме одново, да појдеме одново, да се преобратиме.

Затоа е пресуден вториот поглед, погледот на Исус, кој Отецот го прати да ги бара изгубените. Кога пристигна во Ерихон, помина веднаш покрај дрвото каде што беше Закхеј. Лука раскажува дека „Исус погледна угоре и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“. Тоа е многу убава слика – додаде Папата – затоа што ако Исус треба да погледне нагоре, тоа значи дека го гледа Закхеј одоздола.

Тоа е историјата на спасението: Бог не нѐ гледа со презир за да нè понижи и да нè осуди; напротив, тој се спушта да ни ги измие нозете, гледајќи нѐ одоздола и враќајќи ни го достоинството. Така, средбата на погледите на Исус и Закхеј како да ја сумира целата историја на спасението: човештвото со својата беда бара откупение, но Бог пред сѐ со милосрдие го бара своето создание за да го спаси.

Да го запаметиме ова – поттикна папата Фрањо – Божјиот поглед никогаш не застанува во нашето минато полно со грешки, туку гледа со бескрајна доверба во она што можеме да станеме. И ако понекогаш се чувствуваме како луѓе со низок раст, недораснати за предизвиците на животот, а уште помалку за евангелието, заглавени во проблеми и гревови, Исус секогаш нè гледа со љубов: како Закхеј, тој доаѓа да нè пресретне, нè повикува по име и ако го прифатиме доаѓа кај нас дома. Затоа, можеме да прашаме: Како гледаме на себе? Дали се чувствуваме недораснати и безволни или токму кога ни е тешко, бараме средба со Исус? Освен тоа, каков е нашиот став за оние кои згрешиле и се борат да се подигнат од прашината на своите грешки?

Дали е тоа поглед одозгора, кој суди, презира и исклучува? Но, ние христијаните мораме да го имаме Христовиот поглед, кој го прегрнува одоздола, кој со сочувство ги бара оние што се изгубени. Таков е, и таков мора да биде ставот на Црквата, секогаш.

Да ѝ се обратиме на Марија, на чија понизност Господ погледна и да побараме од неа дар за нов поглед на нас и на другите – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот