Папата: Царството Божјо се гради заедно со мигрантите

Папата: Царството Божјо се гради заедно со мигрантите

Во пораката на Твитер, папата Фрањо потсети на Светскиот ден на мигрантите, кој Црквата го слави на 25 септември. Во својата кратка порака тој повика на создавање иднина која ќе биде фокусирана и на луѓето во миграциски ситуации.

„Денес е Светски ден на мигрантите и бегалците. Сакаме да работиме за иднина која ќе биде фокусирана и на мигрантите, бегалците, прогонетите и жртвите на трговија со луѓе. Заедно со нив се гради Божјото Царство“. – оваа Твитер порака беше објавена од профилот на Папата (@pontifex) во недела на 25 септември 2022 година.

Во текот на изминатите неколку недели, Папата во различни видео пораки поттикна да се препознае и вклучи плодниот придонес на мигрантите и бегалците во заедниците домаќини. Оваа недела, за време на пладневната молитва во Матера, во Јужна Италија, тој повторно нагласи дека не само што треба да се „прифатат“, туку треба и да се „поддржуваат, следат и интегрираат“.

Миграциите, протерувањата и бегствата се во пораст

Бројките се огромни: според проценките на Обединетите нации, повеќе од 100 милиони луѓе ширум светот бегаат од војна, прогонство и климатски или еколошки катастрофи. Ублажување на состојбата не е на повидок, проценките напротив претпоставуваат интензивирање на феноменот со кој неминовно ќе се сретнат сите општества во светот. Не се работи само за мигрантите кои патуваат долги и понекогаш многу опасни рути во потрага по подобра иднина.

Општествата кои прифаќаат можат и треба да го искористат потенцијалот што новодојдените луѓе го носат со себе и заедно со нив да ја градат иднината, повика папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот