Папата Фрањо ќе биде првиот Петров наследник што ќе ги посети ДР Конго и Јужен Судан

Папата Фрањо ќе биде првиот Петров наследник што ќе ги посети ДР Конго и Јужен Судан

Папата Фрањо ќе ги посети Демократска Република Конго и Јужен Судан во јули, се вели во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол објавено на 3 март 2022 година.

Според соопштението, Светиот Отец ја прифатил поканата на државните власти и бискупите на двете земји, а апостолската посета на ДР Конго и Јужен Судан ќе биде во јули. Папата Фрањо ќе престојува во Конго од 2 до 5 јули каде ќе ги посети Киншаса и Гома, а потоа ќе замине во Џуба, Јужен Судан од 5 до 7 јули 2022 година.

Демократска Република Конго

Папата Фрањо во неколку наврати ја изрази својата близина со луѓето во ДР Конго, кои се жртви на насилство, здравствени проблеми и политичка нестабилност. Тој неодамна го осуди нападот на вооружена група врз кампот за внатрешно раселени лица на истокот од земјата.

Во моментов во Конго има околу 5,6 милиони раселени лица, главно во источниот дел на земјата – во областите на Северен и Јужен Киву, Итурија и Танганијаке.

Папата се сретна со Феликс Антоан Циломб Цисекеди, претседателот на земјата, во јануари 2020 година, при што се зборувало за ратификација на Рамковниот договор меѓу Светиот Престол и ДР Конго, потпишан во Ватикан на 20 мај 2016 година. Папата Фрањо ќе биде првиот Папа што ќе ја посети Демократска Република Конго.

Јужен Судан

Јужен Судан е најмладата земја во светот – таа е независна од 2011 година. Сепак, од 2013 година, земјата е жртва на војна и уништување поради борбите за моќ. Претседателот Салва Кир и Риек Мачар, поранешен водач на бунтовниците, се судрија, што доведе до граѓанска војна во која загинаа 400.000 луѓе.

Во 2018 година, страните потпишаа мировен договор и ставија крај на војната. Но, оттогаш во Судан нема мир, а договорите постојано се прекршуваат. Папата Фрањо неуморно повикува на мир во таа земја. Во април 2019 година, тој ги покани лидерите на Јужен Судан во Ватикан на велигденска средба и ги изненади набљудувачите кога клекна и им ги бакна нозете како понизна молба за мир.

Секретарот за односи со државите на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер, беше во Џуба од 21 до 23 декември за да се сретне со политичките и верските лидери на земјата пред можната посета на Папата. Сега кога апостолската посета е потврдена, папата Фрањо ќе биде првиот Петров наследник што ќе ја посети таа земјата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот