Папата Фрањо ја посети заедницата Свети Еџидио

Папата Фрањо во неделата на 15 јуни, попладне ја посети Заедницата Свети Еџидио во римскиот дел наречен Трастевере. Во базиликата посветена на Богородица учествуваше на богослужбата заедно со сиромасите, бездомниците, бегалците и инвалидите за кои се грижи оваа заедница. Папата го посети и седиштето на оваа католичка лаичка организација позната по каритативното и социјалното ангажирање.

Во преполната базилика Папата се помоли пред ликот на Богородица на Милосрдието. Во проповедта, Светиот Отец повторно ја осуди рамнодушноста кон оние што се во потреба и посебно повика на грижа за старите и децата, која е показател на човечноста во едно општество. Народот што не се грижи за своите млади и стари е народ без иднина, без надеж, предупреди Светиот Отец.

Светиот Отец го пофали делувањето на Заедницата Свети Еџидио, истакнувајќи дека настојувањата за мир често не носат брзи резултати, туку бараат трпеливост и упорност. Светот без дијалог е во опасност од гушење, предупреди Папата, спомнувајќи го и меѓурелигискиот дијалог. Вистинската револуција е во сомилоста и милосрдието, заклучи Светиот Отец.

Членовите и пријателите на Заедницата Свети Еџидио го информираа Папата за нивното делување. Сириско – православниот архиепископ Дионисиус Жан Кавак, кој веќе подолго време соработува со Заедницата, зборуваше за драматичната ситуација во Сирија, за милионите бегалци, за бездомниците, за жртвите на киднапирањата и за 160.000 убиени. Потоа деведесетгодишна старица, дванаесетгодишно девојче, невработено момче, инвалид, Ром и бегалец од Авганистан зборуваа за своите ситуации и соработката со Заедницата. Ги претставија нивните бројни иницијативи за помош на сиромашните и бездомниците, бегалците и Ромите, не само преку народните кујни, туку и преку курсевите, училиштата на мирот, грижата за болните од СИДА, како и преку правната и социјалната помош.

Заедницата е основана во мај 1968 година и денес има повеќе од 60.000 членови во 70 земји од светот.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот