Папата Фрањо: Христијанската радост е во надежта

„Вашата жалост ќе се претвори во радост“, за тоа Исусово ветување на учениците, говореше Светиот Отец во петок 30 мај за време на проповедта на светата Литургија во домот Света Марта. Зборувајќи за христијанската радост, Папата рече дека радоста не може да се купи, бидејќи е дар Божји. Христијанската радост е во надежта – рече Папата.

Свети Павле бил многу храбар, затоа што неговата сила била во Господ. И тој понекогаш се плашел, а тоа на сите ни се случува. Се прашуваме тогаш: „Зар не е подобро да прифатиме компромис?“ Павле знаел дека неговото проповедање не им се допаѓа на Евреите, ниту на паганите; не прифаќал компромиси и затоа го прогонувале – рече Папата додавајќи:

Тоа нѐ поттикнува да размислуваме за своите стравови и плашливост. И Исус во Гетсиманската градина почувствувал страв и вознемиреност. А во прошталниот говор на учениците јасно им кажал дека светот ќе се весели заради нивните страдања, што и ќе се случи со првите маченици во Римскиот колосеум – потсети Светиот Отец и продолжи:

Мораме да ја признаеме вистината: целиот христијански живот не е радост. Често се плаче. Кога си болен, кога во семејството имаш проблеми со синот, ќерката, сопругата, мажот, кога гледаш дека платата не е доволна за живот, а имаш болно дете, кога не можеш да го платиш кредитот и мораш да одиш… Има многу проблеми, многу. Но Исус ни вели: „Не плашете се!“ Да, ќе бидете тажни; ќе плачете, а светот ќе се радува, оние кои се против вас – кажа Светиот Отец додавајќи дека има и друга жалост.

Таа жалост ја чувствуваме кога одиме по погрешен пат. Кога купуваме световна радост и веселба, радоста на гревот, после тоа во себе чувствуваме празнина, чувствуваме жалост. А тоа е жалоста на грешната радост. Христијанската радост, напротив, е радост во надеж, која доаѓа – рече Папата.

Во искушенијата не ја гледаме таа радост. Секојдневните искушенија прочистуваат: Вашата жалост ќе се претвори во радост. На болниот на умирање тоа не треба да му се зборува, туку да направиш тоа да го почувствува, всушност како што Исус правел! Кога сме во мрак и кога ништо не гледаме, да кажеме: „Знам Господи дека жалоста ќе се претвори во радост. Не знам како, но верувам!“ Тоа е дело на верата – истакна папата Фрањо.

За да објасни како таа жалост станува радост, Исус го наведува примерот со мајките. Вистина е дека раѓајќи жената многу трпи, но кога во рацете ќе го земеме детето, тогаш сѐ заборава. Исусовата радост останува, иако во некои моменти од животот е сокриена; тогаш не се чувствува, но подоцна се појавува: радост во надежта. Ова е денешната порака на Црквата: Не треба да се плашиме – нагласи Светиот Отец.

Треба да бидеме храбри во страдањата и да размислуваме дека после доаѓа Господ, дека доаѓа радоста; по темнината доаѓа сонцето. Нека Господ на сите им подели радост во надежта. А мирот е знак на таа радост. Колку болни, умирајќи на крајот го имаат тој мир во душата. Мирот е семе на радост во надежта. Дали душата ти е спокојна во моментите на темнина, во страдањата, во прогонствата, кога сите се радуваат поради твоите страдања? Дали мирот е во твојата душа? Ако си мирен, тогаш го имаш семето на радоста, која подоцна ќе дојде. Нека Господ направи тоа да го сфатиме – заврши папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот