Папата Фрањо: Христијаните и муслиманите се браќа

Христијаните и муслиманите треба да останат заедно како браќа, за да се стави крај на секој облик на насилство, кое го валка лицето на Бог.“ Ова беше пораката за мир на папата Фрањо до муслиманската заедница, во џамијата во Банги, престолнината на Централноафриканската Република.

Папата изрази надеж дека претстојните избори ќе покажат подготвеност за национално единство, посилно од внатрешните поделби.

„Ние сме браќа“. Реченица со револуционерна сила, со оглед на омразата предизвикана од стравот и непријателството, кое произлегува од сомнежот. „Ние христијаните и муслиманите сме браќа“, рече папата Фрањо без страв или сомнеж. Неговите зборови, изговорени на италијански и преведени буквално, одекнуваа во џамијата Кудуку во Банги. Папата беше пречекан од пет имами кои го придружија до подиумот, специјално изграден за овој настан во џамијата, во близина на местото наменето за молитва.

Папата Фрањо зборуваше пред околу двеста муслимани, и истакна дека оној кој вели дека верува во Бог, мора да е маж или жена на мирот:

„Христијани и муслимани, ние сме браќа. Треба да се сметаме за такви, да се однесуваме како такви (…) треба да останеме обединети, за да се прекине секое едно дејство, од едната или од другата страна што го валка лицето на Бог и на крајот, цели да ги брани со сите средства своите интереси, кои се на штета на општото добро. Заедно, да ја осудиме омразата, да кажеме „не“ на одмаздата, „не“ на насилството, на она што е извршено во името на религијата или на Бог. Бог е мир“. Папата Фрањо ги потсети сите дека „христијаните, муслиманите и членовите на традиционалните религии коегзистирале заедно во мир во текот на многу години“, и истакна дека таквото богатство на хармонија и разбирање не треба да се отфрла. Папата изрази благодарност до оние кои меѓу лидерите на двете религии, се посветени на обновувањето на хармонијата и братството меѓу сите:

„Би сакал да им ја искажам својата благодарност и почит. Можеме да се потсетиме на многу гестови на солидарност кои христијаните и муслиманите ги добиле од своите сограѓани од друга вероисповед, прифаќајќи ги и бранејќи ги во последната криза во вашата земја, но и во други делови на светот“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот