Папата Фрањо: Статуата Христос Спасител во Рио е повик на помирување

Папата Фрањо: Статуата Христос Спасител во Рио е повик на помирување

По повод 90 годишнината од инаугурацијата на статуата на ридот Корковадо над Рио де Жанеиро, папата Фрањо упати порака во која истакнува дека никој не би смеел да остане со скрстени раце, туку да ги шири рацете кон сите.

Христос Спасител во Рио де Жанеиро со своите раширени раце е повик на помирување, на братство – се зборови од пораката на папата Фрањо која ја потпиша државниот секретар кардиналот Пиетро Паролин, упатена по повод 90 годишнината од инаугурацијата на статуата на Христос Спасител на врвот на ридот Корковадо. Тоа е повик на братство кое треба да се прошири на целиот град и на целата земја, за да се обликува заедница во која никој не се чувствува сам, несакан, отфрлен, занемарен или заборавен и каде сите се ангажираат за поправеден, посолидарен и посреќен свет.

Папата ги поттикна сите луѓе да градат братство, без оглед на нивото на нивното образование или богатство. Никој не смее да остане со скрстени раце, туку да ги шири рацете кон сите, како што тоа го прави Спасителот. За тоа да се постигне важен е конструктивен дијалог, затоа што помеѓу себичната рамнодушност и насилниот протест секогаш постои можност за дијалог. Дијалогот меѓу генерациите, дијалог меѓу луѓето затоа што сите сме ние луѓе – истакна Папата наведувајќи ги зборовите од енцикликата Fratelli tutti.

Светиот Отец затоа поттикна на прифаќање на сите луѓе како одраз на Христовото прифаќање; Христос Кој живее во градот и ве повикува – како што стои во пораката, за да Му се приближите затоа што ако сте блиску до Него, ќе бидете блиску едни до други. На крајот поттикна на молитва по застапништвото на Мајката на бразилскиот народ, Пресвета Богородица од Апарецида.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот