Папата Фрањо: Средбата со Исус во Евхаристијата е извор на надеж за светот

„Постои недостиг од надеж во светот“. Тоа го посочи папата Фрањо во својот говор пред членовите на Папскиот совет за меѓународни евхаристиски конгреси кои ги прими на аудиенција во Ватикан на крајот на нивното пленарно заседание. Во говорот Папата се задржа на врската меѓу „Евхаристијата, мисијата и христијанската надеж“.

„Евхаристијата зазема централно место во Црквата, зашто таа е онаа која ја гради Црквата“, рече Папата, цитирајќи го свети Августин, кој ја одредува Евхаристијата како „таинство на милост, знак на единство и пакт на милосрдие“. „Денес – констатира Папата – има недостиг од надеж во светот, затоа човештвото има потреба да ја слушне пораката на нашата надеж во Исус Христос“, која треба да биде навестувана „со вграден занес, користејќи нови методи и изрази“. „Со духот на новата евангелизација Црквата ја носи оваа порака до сите, а на посебен начин до оние кои иако се крстени, се оддалечиле од Црквата и живеат без да се потпираат на христијанскиот живот“.

Средбата со Исус во Евхаристијата, продолжи Папата, „ќе биде извор на надеж за светот ако псе преобразиме од силата на Светиот Дух според образот на Оној со Кого се среќаваме и ја прифатиме мисијата да го преобразиме светот, дарувајќи ја полнотата на животот што ние самите сме ја добиле и доживеале; носејќи надеж, прошка, исцелување и љубов на оние што се во потреба, а особено на сиромашните и угнетените, споделувајќи го нивниот живот и копнежи и одејќи со нив во потрага по вистинскиот човечки живот во Исус Христос“.

Папата се задржа и на претстојниот 51-и Меѓународен евхаристиски конгрес, кој ќе се одржи во филипинскиот град Кебу во јануари 2016 година, опишувајќи го како „погоден повод за разоткривањето на верата како извор на благодатта што носи радост и надеж во личниот, семејниот и јавниот живот“. „Во овие денови – истакна Светиот Отец – католиците ќе го насочат погледот на срцето кон возвишената тајна на Евхаристијата, за да извлечат нов апостолски и мисионерски поттик“. Затоа, „важно е да се подготвиме добро“, рече Папата, кој им се заблагодари на членовите на Папскиот совет за „завршената работа, со цел да помогнат на верниците од сите континенти да ја разберат повеќе и подобро вредноста и значењето на Евхаристијата во нашиот живот“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот