Папата Фрањо: Со војна сите губиме

Папата Фрањо: Со војна сите губиме

Сите сме поразени од војната, дури и оние кои не учествувале во неа и кои со кукавичка рамнодушност го гледале овој ужас без да интервенираат за мир, напиша Папата во предговорот на книгата која ги содржи сите негови изјави за војната во Украина, собрани од февруари 2022 година. Книгата е уредена од новинарот Франческо Грана, а издадена од Edizioni Terra Santa

Никогаш не сум видел Господ да започне чудо и да не го доведе до добар крај – пишува папата Фрањо на почетокот на предговорот во книгата уредена од ватиканистот Франческо Грана, новинар на италијанскиот дневен весник „Il Fatto Quotidiano“, во која беа собрани неговите безброј апели за Украина. Книгата, насловена „Енциклика за мир во Украина“ („Un’enciclica sulla pace in Ukraina“) ја објави издавачката куќа Edizioni Terra Santa. Во предговорот, кој го објави споменатиот дневен весник во понеделник 5 декември 2022 година, папата Фрањо размислува за надежта од христијанска перспектива, за неоправданоста и бесмисленоста на војната и за должноста на сите активно да се залагаат за мир.

Надеж во христијанска перспектива

Светиот Отец го започнува предговорот со цитат од познатиот роман „Свршеници“ („I promessi sposi“) на италијанскиот писател Алесандро Манцони, истакнувајќи дека од таа реченица е вдахновено мотото што го избра за јубилејот 2025 година: „Ходочасници на надежта“. Во исто време, напоменува дека Бенедикт XVI ни дарува прекрасна енциклика за надежта, „Spe salvi“, во која почесниот Папа ја нагласува моќта на христијанската надеж, среде неволјите засновани на довербата во Христовото откупување и на сигурност дека Господ нè зема за рака и нè подига, затоа што не сака да останеме на земјата.

Ние христијаните мораме да го имаме погледот на Христос, кој прегрнува одоздола, кој сочувствително ги бара оние што се изгубени. Таков е, и таков треба да биде погледот на Црквата, секогаш, Христовиот поглед, а не погледот што осудува.

Војната го навредува Божјето име

Во таа смисла, Римскиот бискуп инсистира дека ниту еден христијанин не може да даде морално или верско оправдување за бесмислените и богохулни ужаси на војната во Украина, како и за секоја војна што го навредува светото име Божјо.

Ние, народот Божји, кој го навестуваме Евангелието на Воскреснатиот, должни сме да ја истакнеме оваа вистина на верата. Бог е Бог на мирот, љубовта и надежта. Бог кој сака сите да бидеме браќа, како што нè научи неговиот Син Исус Христос. Ужасите на војната, на секоја војна, го навредуваат светото име Божјо. Уште повеќе го навредува ако Неговото име се злоупотребува за да се оправда таквиот неискажлив масакр.

Сите губат во војна

Цитирајќи ги зборовите на Пиј XII. во пресрет на избувнувањето на Втората светска војна, папата Фрањо уште еднаш предупредува дека во војната губат сите, дури и оние кои не учествувале во неа и оние кои кукавички стоеле на страна и го гледале ужасот без да интервенираат за да донесат мир. Навистина, – пишува Светиот Отец – сите ние, во каква улога и да сме, должни сме да бидеме луѓе на мирот. Никој не е исклучен! Никој нема право да гледа на другата страна.

Во овој глобализиран свет, западнавме во глобализација на рамнодушност. Навикнати сме на страдањата на другите; не се однесува на нас; не нѐ интересира, не е наша работа!

Затоа, Римскиот бискуп му се заблагодари на Франческо Антонио Грана што ги собрал сите негови апели за мир во Украина, како и на неговиот дневен весник (ilfattoquotidiano.it), бидејќи од самиот почеток на тој конфликт секогаш дава голем одек на неговите зборови.

Папата Фрањо го завршува предговорот повторно со молитва за мир во Украина и упатувајќи уште еден апел до сите луѓе: Не смееме, од која било причина во светот, да се навикнеме на сето тоа, речиси земајќи ја здраво за готово таа трета светска војна во делови која, пред наши очи, драматично се претвори во целосна трета светска војна.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот