Папата Фрањо: Се восхитувам на големата култура и мудрост на кинескиот народ

Се восхитувам на Кина, на нејзината голема култура и неисцрпна мудрост, рече папата Фрањо во разговор со новинарот Франческо Сисци за дневниот весник „Asia Times“. 

Почит со големо „П“

Во опширниот разговор за културните и филозофски теми, не допирајќи се до верски и политички прашања, Папата рече дека Кина за него секогаш претставувала пример за големина: голема земја, голема култура со неисцрпна мудрост. Го спомна исусовецот Матео Ричи, мисионер во Кина кој нѐ научи дека е неопходно да се влезе во дијалог со таа земја. Таа е благословена за многу работи. Католичката црква треба да ги почитува сите култури, а кинеската цивилизација, како што се изрази Папата, треба да се почитува со големо „П“.

Дијалог: Не компромис, туку заеднички од

Папата рече дека посебно го погодило поминувањето преку кинескиот воздушен простор за време на летот за Шри Ланка минатата година. Говорејќи за темата на мирот, рече дека стравот не е добар советник, па затоа не треба да се плашиме од предизвиците. Сите можат да го пронајдат начинот како да живеат заедно, во меѓусебно почитување. Затоа, одржувањето на мирот е голем предизвик, но Европа и Кина, западниот и источниот свет, имаат способност тоа да го постигнат.

Таа цел треба да се оствари преку дијалог. Друг пат не постои, истакна Светиот Отец и додаде дека дијалогот не подразбира компромис, како „делењето на тортата“ на различните култури на посебни парчиња, како што се случило на Конференцијата на Јалта, туку станува збор за средба и заеднички од, па така и „тортата останува цела“.

Децата „болен проблем“

Одговарајќи на прашањето поврзано со кинеската политика на едно дете, Папата, недостатокот на деца во таа земја го нарече „болен проблем“ кој ги исцрпува идните поколенија, бидејќи мораат сами да ги подржуваат родителите, бабите и дедовците. Дел од причините, Светиот Отец ги гледа во егоизмот на одредени богати делови на општеството кои не сакаат да имаат деца. Тоа не е природно, рече Папата, додавајќи дека изгледа Кина отвора некои нови можности на тоа поле.

Не на „скриените агенди“ и „културните колонизации“

Во тој контекст Папата уште еднаш ја истакна важноста на дијалогот, кој не значи предавање или потчинување. Предупреди на опасноста во односите меѓу државите, како што се „скриените агенди“, односно „културните колонизации“. Напротив, потребно е препознавање на големината на кинескиот народ, кој отсекогаш ја одржал својата култура, рече Папата.

На крајот, во пресрет на Кинеската нова година на 8 февруари, Папата упати „срдечни честитки и поздрави до претседателот Ксиј Џимпинг и до целиот кинески народ, кој се одликува со историја и мудрост која на светот може да му понуди многу.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот