Папата Фрањо: Рамнодушноста е непријател на мирот

Во размислувањето за време на молитвата Ангел Господов во првиот ден од новата година, во која меѓународната заедница го одбележува Светскиот ден на мирот, пред повеќе од 60 илјади верници и поклоненици од целиот свет, папата Фрањо, истакна дека „мирот треба да биде освоен, борејќи се против рамнодушноста, затвореноста, сомнежите и отворање на срцето за ближниот.

„Непријател на мирот не е само војната, туку рамнодушноста што нè упатува да размислуваме само за себе, гради бариери, предизвикува сомнежи, стравови и повлекување. Сите овие работи се непријатели на мирот“.

Папата Фрањо посочи дека денес сме исполнети со многу информации:

„Но понекогаш сме преплавени од вести кои го киднапираат нашето внимание од реалноста, од братот и сестрата, кои имаат потреба од нас. Оваа година да почнеме да го отвораме срцето, будејќи внимание кон ближниот, за оној кој е најблиску до нас. Тоа е патот за освојување на мирот“.

Папата ја изрази својата благодарност за бројните иницијативи организирани насекаде во светот за Светскиот ден на мирот, спомнувајќи го посебно мировниот марш организиран од Италијанската епископска конференција, Каритас, Pax Christi и Католичка акција, кој се одржува во Молфет. Папата ги поздрави и учесниците во полноќната молитва на плоштадот Свети Петар, кои молеа за мир и единство на семејствата во светот, организирана од движењето „Семејна љубов“.

„Убаво е кога знаеме дека многу луѓе, претежно млади, се одлучуваат да ја поминат новогодишната ноќ на овој начин. Драги пријатели, ве охрабрувам да продолжите со вашите напори во корист на помирувањето и разбирањето“.

Папата ги поздрави и многубројните верници и поклоненици за новата година. „Убаво е да си разменуваме желби – рече Папата – дури и да знаеме дека со новата година нема сè да се промени и многу проблеми од вчера, ќе останат и утре“. Оттука и неговата желба, поттикната од денешната литургија и поддржана од надежта:

„Нека Господ го запре погледот над вас и да се радувате, знаејќи дека секој ден неговиот милосрден лик, посветол од сонцето, блеска над вас и не заоѓа никогаш! Откривањето на ликот Божји создава нов живот, бидејќи Бог е Отец вљубен во човек кој никогаш не се уморува да почнува повторно со нас, за да нѐ обновува“.

Папата Фрањо потсети дека „Господ има големо трпение со нас и никогаш не се уморува да почне одново, секој пат кога ќе паднеме“:

„Господ не ветува магични промени, Тој не користи магично стапче. Тој сака да ја менува реалноста од внатре, со трпение и љубов; Тој сака да влезе во нашиот живот со нежност, како дождот во земјата, за да донесе плод. Тој секогаш нѐ чека и гледа со нежност“.

На крајот, Светиот Отец им посака на сите „мирна година во благодатта на Господ, богата со милосрдие и со мајчината заштита на Марија, Пресветата Мајка Божја“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот