Папата Фрањо: Размислувајте за Божјото неизмерно милосрдие

Папата Фрањо: Размислувајте за Божјото неизмерно милосрдие

Во Божјото простување да откриеме радост, милосрдие и надеж – поттикна папата Фрањо за време на евхаристиското славење на плоштадот Свети Петар на 8 април 2018 година, на празникот Недела на Божјото милосрдие. На свеченото евхаристиско славење сослужуваа околу 550 „мисионери на милосрдието“ од пет континенти. Станува збор за свештеници кои во Година на милосрдието ги одбра папата Фрањо давајќи им власт да ги отпуштаат најтешките гревови. Но нивното послание не престана и по завршувањето на „Година на милосрдието“. Светиот Отец со апостолскиот поттик „Misericordia et misera“ одреди нивната служба да продолжи, образложувајќи ја својата одлука со радосното сведочење за средбата со Господ во светата Тајна света Исповед за време на Светата Година на милосрдието.

Мисионерите на милосрдието се собраа во Рим по повод својата втора средба која е организирана од Папскиот совет за промовирање на новата евангелизација. Средбата започна во неделата и ќе трае до среда 11 арпил. Овие денови мисионерите ќе можат да слушнат разни катехези, да разменат искуства за своите пасторалани активности и да ја славата светата Тајна исповед, што претставува срце на нивното послание кое им е доверено од папата Фрањо. Ќе им се подели и годишник, во кој се наоѓаат контактите на сите 897 активни мисионери на милосрдието. Во вторник 10 април Светиот Отец ќе ги прими во ауденција, а потоа заедно со мисионерите ќе служи света Миса во базиликата Свети Петар.

Во денешната проповед папата Фрањо се задржа на 20. глава од Евангелието според Иван, кое ја истакнува радоста на учениците кога го видоа Воскреснатиот. Папата Фрањо истакна дека секогаш одново во таа глава се појавува глаголот „видоа“. Иако учениците го гледаат Господ, евангелието не опишува како го гледале, односно не го опишува Воскреснатиот Христос – рече Папата. Истакнувајќи детаљ како Господ им ги покажал своите рани и прободените ребра, изгледа како евангелието ни зборува дека учениците, а покасно и Тома, го препознаа Исус по неговите рани.

Апостолот Тома пак сакал „да види внатре“ – продолжи Светиот Отец. Посакал со своите раце да ги допре раните на Господ, знаците на неговата љубов. Апостолот Тома евангелието го нарекува Близнак и тој е нашиот „близнак“ бидејќи и за нас не е доволно да се знае дека Бог постои. Бој кој воскресна, но кој останува далечен не ги исполнува нашите животи, далечниот Бог не нѐ привлекува, колку и да е праведен и свет. Не, потребно ни е да го „видиме Бог“ да го допреме со своите раце и да знаеме дека воскресна за нас, објасни папата Фрањо.

Учениците Исусови во сите времиња знаат дека им е простено кога ги гледаат Исусовите рани, бидејќи гледајќи ги нив контемплираме за неизмерната љубов која потекува од неговото срце, срце кое чука за секоја човек. Кога Тома ги допре раните Исусови, Исус за него стана „Господ мој и Бо мој!“ Како е можно да се присвојува Семоќниот Бог нарекувајќи го свој? Светиот Отец рече дека кога изговараме „мој“ не хулиме на Бог, туку го чествуваме неговото милосрдие. Бог сакаше да биде наш. И како во љубовна приказна ние му велиме: Стана човек заради мене, умре и воскресна заради мене и поради тоа не си само Бог, туку си и мој Бог, ти си мој живот. Во тебе ја пронајдов љубовта која ја барав, и тоа толку голема, што не можев и да ја замислам – рече Папата.

Папата Фрањо рече дека можеме да започнеме да уживаме во новопронајдената љубов по пат на истиот дар кој Исус го даде вечерта на своето воскресение кога им даде Дух за простување на гревовите. Но да се отиде на исповед може да изгледа тешко – напомена Папата. Во искушение сме да го направиме она што и учениците го направија; да се забарикадираме зад затворени врати. Тоа тие го направија од страв, но и ние може да стравуваме, да се срамите да ги отвориме нашите срца и да ги признаеме нашите гревови.

Господ нека ни дарува милост за да го разбереме срамот како прв чекор кон средбата и како таен повик на душата на која и е потребен Господ како би се победило злото – рече Светиот Отец и продолжи: Безволноста пак нѐ искушува да веруваме дека ништо не се менува во нашите животи како христијани, како што тоа бил случајот со обесхрабрените ученици, откако им изгледало дека поглавието со Исус е завршено. Но во одреден момент откриваме дека моќта на животот е да се прими Божјото простување и да се оди напред од простување до простување – објасни Папата.

Затворена врата пак е гревот. Папата Фрањо потсети дека Исус сака да влезе токму низ затворена врата, кога изгледа дека секој влез е затворен. Бог никогаш не нѐ напушта, ние сме тие кои го држиме да биде надвор – предупреди Папата и продолжи: Кога се исповедуваме, откриваме дека она што нѐ одвојувало од Бог, имено гревот, станува место каде што се сретнуваме. Таму Бог, кој е ранет од љубов, доаѓа како би ги сретнал нашите рани. Нашите бедни рани ги прави да бидат како неговите славни. Тој е милосрдие и прави чудо во нашата беда – рече Папата и заврши: Да побараме денес, како и Тома, милост за да го признаеме за свој Бог: во неговото простување да ја најдеме својата радост, а во неговото милосрдие својата надеж.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот