Папата Фрањо: Посланието на Црквата е да се грижи за болните од секаков вид

Папата Фрањо: Посланието на Црквата е да се грижи за болните од секаков вид

Наведнете се над оној кој страда за да му се помогне нежно и сочувствително да се подигне; тоа е стил, тоа е избор на кој Синот Божји му дава предност и кој мора да биде присутен во Црквата – рече папата Фрањо за пред молитвата Ангел Господов на 7 февруари 2021 година на плоштадот Свети Петар. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Повторно сме на плоштадот! Во денешното евангелие (сп. Марко 1, 29-39) ни го пренесува Исусовото оздравување на тештата на Петар, а потоа и на многу други болни и страдални луѓе кои се туркаат околу него. Оздравувањето на тештата на Петар е првото телесно лекување кое ни го донесува Евангелието според Марко: жената лежеше во кревет со треска. Ставот и гестот на Исус кон неа се значајни: „пристапи, ја фати за рака и ја подигна;“ (р. 31), забележува евангелистот. Има толку многу нежност во овој едноставен чин, што изгледа скоро природен: „И треската веднаш ја остави и им служеше“ (исто). Исусовата моќ за оздравување не наидува на никаков отпор, а оздравената личност го продолжува својот нормален живот, веднаш помислувајќи на други, а не на себе – и ова е значајно, тоа е знак на вистинско „здравје“!

Тој ден било сабота. Луѓето од селото чекаат зајдисонце, а потоа, кога ќе престане обврската за одмор, излегуваат и му ги донесуваат на Исус сите болни и опседнати. И Тој ги лекува, но им забранува на демоните да откријат дека Тој е Христос (сп. р. 32-34). Затоа, од самиот почеток, Исус ја покажува својата посебна наклонетост кон лицата кои страдаат по тело и дух: Исус посебно сака да им приоѓа на луѓето кои страдаат и по тело или по дух. Тоа е таа наклонетост на Отецот што тој ја овоплотува и го покажува со дела и зборови. Неговите ученици биле сведоци на тоа, го гледале тоа, а потоа сведочеле за тоа. Но, Исус не ги сакаше само како гледачи, набљудувачи на неговото послание: ги вклучува, ги испраќа и им дава моќ да лекуваат болни и да истеруваат нечисти духови (сп. Матеј 10: 1; Марко 6, 7). И ова продолжува без прекини во животот на Црквата до денес. Грижата за сите видови на болни во никој случај не е „опционално дејствување“ за Црквата! Не е нешто случајно, не. Грижата за болните од сите видови е составен дел од посланието на Црквата, како што било и Исусовото. А тоа е посланието да ја донесеме Божјата нежност на човештвото што трпи и страда. На ова ќе се потсетиме  за неколку дена, на 11 февруари, на Светскиот ден на болните.

Реалноста низ која поминува целиот свет поради пандемијата ја прави оваа порака, ова важно послание на Црквата, посебно важно. Гласот на Јов, кој одекнува во денешната Литургија, повторно станува толкувач на нашата човечка состојба, многу возвишена според достоинството – нашата човечка состојба е со неизмерно возвишено достоинство – и истовремено многу кревко. Соочени со оваа реалност, во срцето секогаш се поставува прашањето: „Зошто?“.

На ова прашање Исус, Вополотеното Слово не одговара со објаснување на тоа зошто сме така возвишени според достоинството, а со толку кревка состојба, Исус не одговора со објаснување на она ‘зошто’, туку со присутноста на својата љубов која се наведнува над другиот, го зема за рака и му помага да стане, како што тоа го направи со тештата на Петар (сп. Марко 1,31).

Наведнете се над другиот за да му помогнете да се подигне. Да не заборавиме дека на другиот може да се гледа од високо само кога ќе му се подаде рака за да му се помогне да се подигне. Само тогаш. И тоа е посланието на Исус кое што го довери на Црквата. Синот Божји своето господство не го покажува „од горе кон доле“, не од далеку, туку со наведнување, подавајќи ја раката. Своето господартво го покажува преку блискост, нежност, сочувство на начинот со кој Бог прави. Бог станува близок со нежност и сочувство. Колку пати читаме во Евангелието, кога станува збор за здравствен проблем или каков било проблем: „се смилува“. Сочувството на Исус, Божјата близина во Исус е Божји стил. Денешното евангелие исто така нè потсетува дека ова сочувство има корени во блискиот однос со Отецот. Зошто? „Во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место и таму се молеше.“ (р. 35). Од таму црпеше сила за вршење на својата служба, проповедајќи и оздравувајќи.

Пресвета Богородица нека ни помогне да му дозволиме на Исус да нè оздрави – тоа секогаш ни е потребно, на сите нас – за да можеме за возврат да бидеме сведоци на исцелителната Божја нежност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот