Папата Фрањо повика на прекин на насилството меѓу Израелците и Палестинците, бидејќи со оружјето се уништува секоја надеж

Папата Фрањо повика на прекин на насилството меѓу Израелците и Палестинците, бидејќи со оружјето се уништува секоја надеж

Папата Фрањо апелира за мир во Светата Земја, молејќи се да се задржи неодамнешното примирје меѓу Израел и милитантите во Појасот Газа. Тој испрати и порака по повод Денот на мајката, кој се слави во многу земји, не заборавајќи да испрати мисли за разурната Украина

Папата Фрањо упати апел во недела на 14 мај 2023 година, молејќи се за мир во Светата Земја. Израел и милитантите на Исламскиот џихад во Појасот Газа разменуваат оган од минатиот вторник, кога во израелски воздушен напад загинаа тројца од главните команданти на групата. Примирјето со посредство на Египет стапи на сила во саботата, 13 мај и изгледа дека се одржува.

Молитви за мир во Светата Земја

Говорејќи од прозорецот на неговата работна соба во Апостолската палата по молитвата на Царице небесна папата Фрањо изрази жалење за загубените животи во вооружените конфликти меѓу Израелците и Палестинците, во кои животот го загубија невини луѓе, меѓу кои и жени и деца. Најмалку 13 цивили се убиени во Газа како резултат на нападот, вклучувајќи и деца на возраст од 4 години.

Светиот Отец изрази надеж дека штотуку постигнатото примирје ќе биде стабилно. Нека молчи оружјето, зашто оружјето никогаш не може да донесе сигурност и стабилност. Напротив, само успева да ја уништи секоја надеж за мир.

Честитки за Денот на мајката и молитви за страдањата на измачената Украина

Денес, Денот на мајката се слави во многу земји; со благодарност и љубов се сеќаваме на сите мајки, оние кои се уште се со нас и оние кои се преселиле во небо. Ги доверуваме на Марија, мајката на Исус, рече Папата во своето обраќање до верниците по молитвата Царице небесна, повикувајќи ги верниците да ги поздрават мајките со голем аплауз.

Кон неа се обраќаме со молитва да ги олесни маките на измачената Украина и на сите народи ранети од војни и насилство, додаде Римскиот епископ.

Поздрав до Каритас Интернационалис

На крајот, Светиот Отец го поздрави Каритас Интернационалис, чии членови од целиот свет во последните неколку дена се собраа во Рим на Генералното собрание и вчера го избраа својот нов претседател. Папата Фрањо ја поздрави одлуката и го охрабри новото раководство храбро да оди напред на патот на реформите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот