Папата Фрањо: Парите треба да служат, а не да управуваат!

Ватикан, 16.5.2013 /к.мк/ – Управувањето на парите над луѓето и општествата и откажувањето од етиката беше главниот акцент во говорот на Папата Фрањо кон четворицата амбасадори нерезиденти во Светата Столица: Киргистан, Антигва и Барбуда, Луксембург и Боцвана. Малкумината богати стануваат побогати, додека поголемиот дел од населението осиромашува, рече Папата. Заедно со тоа остро ја критикува „деформацијата во полето на економијата и финансиите”, посакувајќи „финансиска реформа врз основа на етика, која ќе доведе до економски реформи во корист на сите”.

Во основата на финансиско-економската криза стои „длабока антрополошка криза”, која го негира приматот на човекот, рече Папата. „Создаваме нови идоли”, а обожавањето на античкото златно теле (1 Мојсеева. 32,15-34) наоѓа „нов ужасен образ во фетишизмот на парите и во диктатурата на економијата без образ”. Недостатокот од антрополошка перспектива го сведува човекот на обичен потрошувач: „Човечкото суштество се смета за потрошно добро што може да се користи, а потоа да биде фрлено, истакна папата Бергољо.

Заедно со тоа богатствата на одредено малцинство се зголемуваат, додека мнозинството осиромашува, продолжи Папата. Причина за таа неурамнотеженост се „идеологии кои промовираат апсолутна автономија на пазарите и на финансиските шпекулации”. Папата ги осуди „краците на корупцијата”, „себичното избегнување на даноци”, „задолжувањето и заемите кои ги оддалечуваат земјите од реалната економија, а граѓаните од власта за реалните придобивки”.

Зад ова однесување се крие отфрлање на етиката и негирање на Бог – рече Папата. Како солидарноста, така и етиката се досадни! Се сметаат за контропродуктивни; премногу хумани, бидејќи ги релативизираат парите и власта; и им изгледаат како закана, бидејќи не дозволува манипулација и покореност на личноста”.

Но зошто етиката толку многу иритира, праша Папата. „Бидејќи етиката води кон Бог, кој стои над категориите на пазарот. Бидејќи финансиерите, економистите и политичарите го сметаат Бог за своеволен и дури опасен, бидејќи го повикува човекот кон целосно исполнување и независност од секаква форма на ропство”.

Папата ги охрабри амбасадорите заедно со политичарите да работат за „финансиска реформа врз етичка основа, која од своја страна ќе доведе до здрава реформа во економијата за доброто на сите”. За овој предизвик се потребни „решителност и визија, водејќи сметка за посебноста на секој контекст”, додаде Папата „Парите треба да служат, а не да управуваат!”.

Папата ги сака и богатите и сиромашните, но има должност, во Христово име да ги потсети богатите за да помагаат на сиромашните, кои ги почитува и охрабрува, истакна папата Фрањо. Од своја страна „Црквата секогаш работи за целокупен развој на секој човек”, а истовремено поттикнува управителите „да бидат во служба за општо добро и на своите народи”. Црквата, додаде Папата, „ги повикува финансиските раководители да ја почитуваат етиката и солидарноста. А и зошто да не се обратат до Бог и нивните планови бидат од него инспирирани?”

Целта би била да се дојде до нов политички и економски начин на размислување, што ќе придонесе поделбите во социјалната и економската сфера да се трансформираат и да донесат здрав соживот.  (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<